Најтрофејниот македонски клуб Вардар конечно успеа да ја запише првата победа во новата сезона и тоа против соседот Работнички (2-0) во дербито на третото коло во Првата лига, откако младиот Бојан Колевски после 236 минути го прекина голгетерскиот пост на црвено-црните, а Даниел Аврамовски ја запечати победата.

Вардар и Работнички одиграа попладнево подпросечно дерби во кое вардарци повторно се изнапромашуваа, а два моменти го решија мечот. Во 56-та минута која беше пресудна за победата на Вардар ,кога Колевски го прекина постот со голот во акцијата на Дарко Мицевски, кој одлично нафрли на втора статива, Даниел Аврамовски со глава биеше, а голманот Дамјан Шишковски спектакуларно одбрани, но вардаровата деветка од втора погоди за водство и победа на Вардар. И вториот момент, кога Вардар го искористи просторот после серија утки во финишот, за Даниел Аврамовски рутински да погоди на асистенција на Бразилецот Жуниор.

Многу поразиграно беше второто полувреме за разлика од досадните 45 минути во првиот дел во кој двата тима ја измачија и топката, а и малубројната публика со играта. Работнички преку Ерера двапати се закани колку да го загрее Филип Гачевски (7 и 8 минута), Бојан Колевски во 30-та беше изблокиран по добрата акција со Жуниор, а потоа вардаровата деветка промаши по несигурноста на Шишковски и одбранетиот слободен удар на Мицевски (39.).

Вардар тргна поагресивно во напад, па Тошевски лошо изреагира кога беше најпотребно со додавање да направи шанса после добриот продор во 48-та минута, а Колевски две минути подоцна погоди дирек притоа и Шишковски ја допре топката, за шест минути подоцна да го даде првенецот за црвено-црните. Работнички имаше зицер три минути по примениот гол по добрата тимска акција, но Бразилецот Јаго катастрофално биеше од седум метри крај голот.

До крајот на дербито Работнички се обидуваше да стиген во шанса за израмнување, но сето тоа беше преслабо и безидејно, а Вардар успеа да ги спречи сите намери на дебармаалци и преку контранапади да стигне до заверување на победата, но црвено-црните се изнапромашуваа во последните десет минути. Прво младиот Никола Серафимов не ја искористи шансата во 82-та минута, кога сам пред Шишковски биеше со нога крај голот, во 85-та Даниел Аврамовски со петица повторно го промаши голот од три метри, а во 87-та Шишковски одбрани чист гол при ударот на Владица Брдаровски, а Дарко Мицевски на одбиена го промаши голот. Само што почна да тече судиското надополнување Аврамовски ја запечати победата на црвено-црните.

Со оваа победа Вардар сега има четири бода по три меча, а Работнички остана на три од минатонеделниот триумф со Шкупи. Утре на програмата од 17 часот се останатите мечеви во кои Шкендија е домаќин на Македонија ЃП, Академија Пандев го дочекува Борец, Шкупи игра со Ренова на Чаир, а Струга Трим Љум со Силекс.