Надежите на најтрофејниот македонски клуб Вардар набрзина ја суредија Шкендија и со три гола во првите 20 минути од мечот си го обезбедија трофејот во младинскиот Куп на Македонија со убедливиот триумф со 4-0 во супер интересното финале на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот на ФФМ. 

Вардарци во чии редови играат фудбалери со прволигашко искуство, денеска експресно реализираа три шанси за да си ја обезбедат победата до 22-та минута со два гола на Давид Велковски и еден на Џемал Ибиши, а при крајот капитенот и незадржливиот Али Адем од пенал ја запечати победата.

Мечот почна со прекрасна асистенција на Ибиши за Велковски и овој рутински сам пред голманот на Шкендија погоди за водство, продолжи со погодок со глава на Велковски на асистенција на Адем, а заврши Ибиши со прекрасен гол откосо од 16 метри. Вардар ја имаше победата в рака, па опуштањето го искористи Шкендија за да нападне, да проба да се врати, но иако имаа четири зицери, брилјираше Матеј Андов бранејќи буквално сè. И кога сите очекуваа крај на борбеното, возбудливо и интересно финале со многу шанси, Адем погоди од пенал за уште поубедлив триумф.

Најголемиот дел од овие вардарови фудбалери речиси година ипол, уште од ланскота зима почнаа да влегуваат во првиот тим и да добиваат шанса од тогашниот тренер Чедомир Јаневски, а потоа трендот на талентираните вардарови деца продолжи и сезонава и поголемиот дел добиваат солидна минутажа кај Александар Васоски, пред сѐ Адем, Ибиши, Колевски...

Вардар ѝ го зема Купот на Шкендија, која лани доминираше во младинска конкуренција со двојна круна, а ова е втор пехар на младинските категории на црвено-црните, откако вчера исто така против Шкендија победија во конкуренција на петлиња со 2-0. Вардар загуби само од Кул Здравје вчера со 1-2 во конкуренција на помлади петлиња. Шанса за трет куп-трофеј за Вардар ќе имаат идната недела пионерите во финалето против Академија Пандев.

Младинското финале се одигра пред полни трибини на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.