Најтрофејниот македонски клуб Вардар врза две победи во двете дербија за Европа по денешната победа со 2-0 против соседот Работнички на гостувањето на Националната Арена „Филип Втори“ за да се зацврсти на второто место со уште покомотна двоцифрена предност пред директните ривали во трката за излез на меѓународна сцена по одиграното 24-то коло во Првата лига.

Матеј Цветановски во шестата минута и Хуан Фелипе десет минути по почетокот на второто полувреме погодија во мрежата за на Вардар да му ја донесат 13-та сезонска победа, но и веројатно да му го напишат отказот на Жикица Тасевски, тренерот на „романтичарите“, под чија палка Работнички и со тотална реконструкција на тимот и со дури 12 засилувања зимава имаат само една победа и три порази сега во низа. Со триумфот црвено-црните сега со 45 бода се зацврстија на второто место на табелата, осум зад првакот и лидер Шкендија, која традиционално лесно повторно го мина Кратово и го победи Силекс со 3-0. Вардарци фудбалски се многу блиску да обезбедат настап во Европа, но нивното учество останува да виси од административни причини и недописплатените долгови за кои времето им истекува до крајот на месецов. Вардар сега има дури 12 бода предност пред Шкупи и Ренова, а 14 пред Работнички во таа трка за Европа.

Иако Работнички имаше неполни две недели да се соземе и да фати ритам по паузата, дебармаалци денеска одиграа очајно и мизерно во текот на целиот меч, правеа почетнички грешки и му го олеснија патот на Вардар кон триумфот, кој можеше и да ги наполни сооглед дека имаше еден куп полуконтир и контри што не ги искористи за поубедлив триумф. Единствена сериозна шанса Работнички денеска ја имаше преку Чарлс Гофри, кој погоди пречка на 20 минути пред крајот на мечот

Шкендија ја продолжи традицијата за победнички да се врати од Кратово, а денеска Филип Миленковски со автогол на средина од првиот дел, Агим Ибраими на средина од вториот и Висар Муслиу три минути пред крајот ја донесоа 16-та сезонска победа за тетовци, кои сигурно чекорат кон освојување на втората титула во низа.

Ренова со 3-2 ја победи Беласица за да го прескокне Работнички и да влезе во сериозна игра за место во Европа, ако Академија Пандев го освои куп-трофејот, па „гипсарите“ сега со 33 бода се на два пред дебармаалци. Чаирски Шкупи доживеа вистински шок пред своите гледачи, па во втората скопска пресметка во ова коло загуби со 0-1 од Македонија ЃП со голот на Боби Божиновски на три минути пред крајот, како казна за сите промашувања на „гулабите“ во текот на мечот.

Дуелот на Победа и Академија Пандев, кој требаше да се игра во ова коло е одложен за 1 мај поради настапот на пет млади фудбалери за македонската селекција до 21 година на Анталија купот, кој заврши завчера.

ПРВА ЛИГА, 24. КОЛО (14.30 ЧАСОТ)

Работнички – Вардар 0-2 (0-1)

Цветановски 6, Фелипе 55

Силекс – Шкендија 0-3 (0-1)

Миленковски 25 аг., А. Ибраими 66, Муслиу 87

Шкупи – Македонија ЃП 0-1 (0-0)

Божиновски 87

Ренова – Беласица 3-2 (2-1)

Миовски 8, Рамадани 21, Усеини 75 – Мирчевски 31, Савиќ 90+1

Победа – Академија Пандев ќе играат на 1 мај

ТАБЕЛА: Шкендија 53, Вардар 45, А. Пандев 42 (-1), Шкупи 33, Ренова 33, Работнички 31, Македонија ЃП 29, Силекс 24, Беласица 19, Победа 18 (-1).