Вардар ѝ третпат поразен во Анталија: ТСЦ Бачка Топола подобра од црвено-црните!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар го запиша и третиот пораз на овие зимски подготовки во Анталија, откако денеска црвено-црните загубија од српски ТСЦ Бачка Топола, клубот кој е финансиран од унгарскиот премиер Виктор Орбан со 1-2.

Вардарци после поразите од сплитски Хајдук со 1-3 и украински Динамо Киев со 0-4, денеска загубија со по еден гол во двете полувремиња, откако Зец и Арсенијевиќ ја погодија мрежата на Вардар за да му донесат триумф на ТСЦ во овој контролен меч, а црвено-црните успеаа само да стигнат до почесен гол, но не и да се изборат барем за реми.

Вардар дојде на половина од овие зимски подготовки, а до крајот на претстојот им преостануваат уште три меча и тоа со белградска Црвена Звезда за три дена, а потоа и со Борац Бања Лука на 2 јануари и со словенечка Мура на 3 јануари, кој ќе биде генерална проба пред пролетната полусезона во која вардарци тргнуваат со осум бода предност во трката за шампионската титула.

Вардар на мечот со ТСЦ играше со Илиќ, Тошевски, Младеновски, Новак, Брдаровски, Попзлатанов, Најдовски, Димовски, Аврамовски, Цветановски и Ибиши. Во вториот дел шанса добија и Андов, Реџепи, Колевски, Велковски, Петејчук, Величковиќ, Наумчевски, Жуниор и Ѓурковски.