Вардар и Шкендија по нови победи како загревање за куп-дербито в среда

Двата црвено-црни табори и главни фаворити за титулата, Вардар и Шкендија денеска на домашен терен ќе бркаат продолжување на победничката серија, но ќе се обидат и да ги сочуваат силите и да се загреат за меѓусебната пресметка во првиот меч од осминафиналето во Купот на Македонија, која ги очекува в среда во Скопје.

Вардар врза четири триумфи во серија во Првата лига, го освои тешкиот и жежок Чаир во средата, па денеска го пречекува Силекс во пресметката од седмото коло во обид да стигне до петтата победа во низа и евентуално да го освои врвот на табелата, ако актуелниот лидер Академија Пандев не триумфира во Струмица во пресметката со Шкупи.

Вардарци имаат ограничен ростер, па тренерот Александар Васоски мора да комбинира за да ги заштеди силите во пеколниот ритам кој започна од минатата недела и црвено-црните ги очекуваат низа тешки пресметки, пред сè со Шкендија во Купот, па со Академија Пандев идниот викенд и потоа првото првенствено дерби со тетовци под Шара. Затоа и Вардар денеска ќе се обиде побрзо да ја заврши работата за трите бода, а потоа да сочува дел од силата и свежината за претстојниот меч со најголемиот ривал.

Кратовци доаѓаат во Скопје за да го напуштат дното, но традиционално лошо минуваат на гостувањата кај некогаш лутиот ривал, а само еднаш искористија момент за да се израдуваат во Скопје со триумф со 3-2, кога црвено-црните нелогично тргнаа во бојкот да играат со младинци (случајот „младинец“ од дуелот Шкендија – Академија Пандев кога ФФМ ги помилува тетовци). Тоа беше прв триумф на кратовци после скоро цела деценија, но Вардар полн со самодоверба сега ќе се обиде да ја продолжи традицијата во која имаат 11 триумфи од последните 14 меча.

Шкендија врза две победи без примен гол, постигнувајќи пет на последните два меча (3-0 Работнички, 2-0 Ренова), но и понатаму реализацијата претставува сериозен проблем за актуелниот првак, кој промашува премногу од креираните шанси. Денеска во Тетово им доаѓа дебитантот Струга Трим Лум, па црвено-црните ќе атакуваат на трет триумф, а и тие како и Вардар, ќе се обидат побрзо да ја завршат работата за да им остане свежината за куп-пресметката. Шкендија е фаворит на мечот, но стружани неколкупати сезонава покажаа дека знаат да бидат „тврд орев“ и нема сомнение дека ќе се обидат да ги измачат тетовци до крајот. За Шкендија победата е неопходна за уште повеќе да го фати приклучокот за врвот поради очајниот старт и седумте бодови моментно со кои заостанува зад лидерот.

Академија Пандев ќе го брани лидерското место во Струмица против Шкупи, за кои ќе дебитира Ќатип Османи, новиот тренер на чаирчани, кој пред два дена беше промовиран и доаѓа како трето тренерско решение после Умит Каран, кој си замина од приватни причини по три кола, а Булент Акин издржа само 14 дена и два меча.

Ако некој успевал добро да помине во пресметката со „пандевци“ тоа дефинитивно е Шкупи, далеку подобро од Вардар и Шкендија, кои се сопнувале во такви дуели, зашто чаирчани имаат три победи од пет готувања кај најмладиот македонски клуб, а вкупно седум триумфи во десетте пресметки со струмичани (вклучувајќи и два куп-дуели пред три години).

Македонија ЃП и Ренова ќе се соочат во првиот меч на денешната програма (15 часот, ТВ-пренос) во оваа рунда, а мечот е шанса за двата тима да се вратат на победничкиот колосек. За „лавовите“ шанса по еден меч и загубеното второ место да им се вратат на победите, а на Ренова после серија од три порази. Се очекува неизвесен и изедначен меч во кој нијанси ќе решаваат, зашто „гипсарите“ досега покажаа дека имаат квалитет, но реализацијата и низата утки ги остави на нула бодови од трите последни мечеви.

Откако ѓорчепетровци се вратија во елитата пред две сезони, Ренова двапати успева да им го земе целиот плен како гостин, а интересно во четирите последни мечеви во најзападната скопска населба, мечевите биле полни со голови (трипати со резултат 3-1 и еднаш 2-1).

ПРВА ЛИГА, 7. КОЛО

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Ренова (15 часот)

ТЕТОВО: Шкендија – Струга Трим Лум (15.30 часот)

АРЕНА: Вардар – Силекс (15.30 часот)

СТРУМИЦА: Академија Пандев – Шкупи (15.30 часот)

ВЧЕРА

Борец – Работнички 1-1 (1-1)

Ѓоршиев 23 – Кордоба 13

ТАБЕЛА: Академија Пандев 14 бода, Вардар 13, Македонија ЃП 11, Шкупи 8, Струга Трим Лум 8, Шкендија 7, Ренова 7, Работнички 7 (+1), Силекс 6, Борец 5 (+1).