Вардар и Шкендија не можат гол да дадат: Големите фаворити наместо на врвот – го држат дното!

Тешко дека некој воопшто можеше да помисли дека двата најдобри клубови во македонската фудбалска елита, Вардар и Шкендија после воведните две кола ќе бидат заковани на самото дно, без постигнат гол во 180 минути, но тоа се случува на почетокот на оваа сезона, откако црвено-црните табори денеска повторно разочараа, иако имаа улога на фаворити. Двата најголеми фаворити заедно со велешки Борец се единствените клубови кои досега немаат дадено гол во прволигашката конкуренција.

Ако Вардар освои бод, но повторно беше неубедлив, агонијата на Шкендија започната од европскиот дебакл продолжи со нов пораз, сега во Кратово од Силекс со 0-1 и тоа со еврогол на Филип Дурански на стартот на второто полувреме (48 минута). За кратовци ова е прва победа после 6 декември 2015 година (3-1) или по речиси четири години пауза, искорисувајќи го најдобро кризниот период на актуелниот првак, кој во изминатиот период лесно си минуваше на истокот од земјава.

Најтрофејниот македонски клуб Вардар го освои првио бод сезонава со ремито без голови на гости кај Борец во Велес, но повторно црвено-црните не воодушевија со настапот и повторно не успеаа да дадат гол, по стартните 0-2 со Македонија ЃП. Вистински фудбалски празник пред полни трибини во Велес, двата тима не го надополнија со возбудувања, одиграа подпросечен меч, во кој едвај се броеа шансите, со само низа директни, но не опасни шутеви кон голот.

Ако во првиот дел Вардар го имаше поседот, па и еден конкретен удар преку Бојан Колевски како најсериозна шанса, во вториот Борец успеа да воспостави контрола, да не дозволи црвено-црните премногу да напаѓаат, а и играчот повеќе за скопјани не значеше многу во последните 15 минути (исклучен Филип Петров), а Дарко Мицевски и Жуниор имаа шанси за триумф, но иако беа во добри позиции не успеаа да ги реализираат.

После две кола во македонската елита, поранешниот шампион Ренова е единствена со максимален ефект од две победи, откако денеска во Тетово со 2-1 славеше против новиот прволигаш Струга Трим Љум. Во „дербито“ на финалистите од мајскиот куп, како реприза на тој меч, Македонија ЃП и Академија Пандев освоија по еден бод во исклучително досаден меч без премногу шанси на тренинг-кампот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот.

ПРВА ЛИГА, 2. КОЛО (17 ЧАСОТ)

Ренова – Струга Трим Љум 2-1 (1-0)

Миовски 30, Адеми 84 – Цветановски 48

Силекс – Шкендија 1-0 (0-0)

Дурански 48

Македонија ЃП – Академија Пандев 0-0

Борец – Вардар 0-0

ВЧЕРА

Работнички – Шкупи 2-0 (1-0)

Марковиќ 23, Тодоровски 90+6

ТАБЕЛА: Ренова 6, Македонија ЃП 4, Академија Пандев 4, Работнички 3, Струга Трим Љум 3, Шкупи 3, Силекс 3, Вардар 1, Борец 1, Шкендија 0.