Вардар и Шкендија на поправен испит – на незгодни гостувања атакуваат на прва победа сезонава

Двата најдобри македонски клубови во последните пет години, Вардар (три титули) и Шкендија (две титули) денеска (17 часот) ќе имаат поправен испит за да се вратат на победничкиот колосек, но на незгодни гостувања во Велес односно Кратово, откако лошо тргнаа во новата сезона со неочекувани порази.

Откако Шкендија доби шлаканица во Струмица како кулминација на летаргијата на тетовци во Европа и фактот дека немаат дадено гол 450 минути од игра, сега за првиот фаворит во македонскиот шампионат Кратово е можност да излезат од големата криза. Најмногу зашто на Истокот, црвено-црните во последните години многу лесно минуваат, па во последниве речиси четири години немаат пораз.

Силекс последен пат победи на 6 декември 2015 година со 3-1 и оттогаш Шкендија има пет победи на последните шест меча, а тој единствен пораз им е од кратовци дури од 2007 година. Сепак, Силекс има свои сметки и амбиции, па нема да ја пропушти шансата на својот терен да ја продолжи и продлабочи кризата на Шкендија, која откако почна сезоната во Европа има само еден триумф и тоа обезбеден со гол од пенал.

Велес после 18 години повторно ќе гледа прволигашки фудбал, а на спорниот терен на Градскиот стадион кој е на вештачка трева за кој скапо плати доскорешниот комесар (не сакал да потпише во летниот период да се играат мечеви тука поради загрозување на здравјето на фудбалерите), гостува најтрофејниот македонски клуб Вардар, грогиран после домашните 0-2 со Македонија ЃП. Нема сомнение дека скопјани ги очекува незгоден ривал, мотивиран за првиот домашен меч да освои бодови и жешка атмосфера со полни трибини, па младите црвено-црни фудбалери сега ќе треба да ја покажат вредноста на дуел на кој им е неопходно да освојат бодови за да се вратат на колосекот и да не ја продлабочат кризата.

Вардар загуби од „лавовите“ во меч на кој фудбалски беше подобар, но ѓорчепетровци умешно знаеа да ги искористат своите шанси и да дадат голови за бодови. Сега пред избраниците на Александар Васоски е нов предизвик, на кој реализацијата мора да биде подобра, инаку не им бега – нова нула.

Во другите два меча, на тренинг-центарот „Петар Милошевски“, Македонија ЃП и Академија Пандев, после големите воведни победи над двата фаворизирани црвено-црни табори ќе се пресметаат меѓусебе во репризата од финалето во Купот, кое го решаваше пенал-рулетот. Ренова, пак, го дочекува прволигашкиот дебитант, а и овие два клуба победнички стартуваа во новата сезона, па се очекува во Тетово да се игра доста интересен меч.

Вчера Работнички му се одмазди на Шкупи за елиминацијата од Европа во минатосезонското последно коло со триумфот со 2-0.

ПРВА ЛИГА, 2. КОЛО (17 ЧАСОТ)

ТЕТОВО: Ренова – Струга Трим Љумж

КРАТОВО: Силекс – Шкендија

ФФМ: Македонија ЃП – Академија Пандев

ВЕЛЕС: Борец – Вардар

ВЧЕРА

Работнички – Шкупи 2-0 (1-0)

Марковиќ 23, Тодоровски 90+6