Во двете скопско-тетовски пресметки победи остварија фаворитите, Вардар и Шкендија. Разликата помеѓу најголемите ривали останува +12 во корист на тетовци и по 29.коло во Првата лига.

Вардар им се врати на победничките патеки по трите ремија по ред. Најтрофејниот македонски тим беше сигурен на домашен терен против Ренова и славеше со 2-0. Филип Најдовски го скрши отпорот на гостите во финишот на првиот дел. На 2-0 зголеми левиот бек Жунињо во 50-тата минута. „Гипсарите“ го запишаа третиот пораз по ред.  

Актуелниот лидер Шкендија уште во првото полувреме ја обезбеди победата против Македонија Ѓорче Петров. Марјан Радески по долгата пауза поради повреда се враќа на терените во голем стил и го отвори натпреварот со два гола. Репрезентативецот во двете акции реализираше со глава и веќе стигна до четири голови своето конто откако се врати на терените пред само неколку недели.

Омар Имери зголеми на 3-0 за тетовци, откако еден фудбалер на гостите два пати ја губеше топката во опасната зона. Дејан Тантуровски намали за гостите во 59-тата минута. Гостите од Ѓорче Петров останаа со играч помалку само неколку минути подоцна, па тука завршија сите надежи за поповолен резултат. Висар Муслиу зголеми на 4-1, а конечниот резултат 4-2 беше поставен во финишот, кога за гостите погоди Паду.. За „лавовите“ ова беше прв пораз по пауза од седум натпревари.

Струмичкото дерби му припадна на тимот на Беласица, кој како гостин славеше со 2-0 против Академија Пандев. Двата гола гостите ги постигнаа во првиот дел преку Влатко Дробаров и Пепи Георгиев. Ова се значајни три бода за Беласица во борбата за опстанок, но Силекс и натаму има четири бодови предност на осмото место, откако славеше со минимални 1-0 против Работнички.

Шкупи ја забележа втората победа по ред и ја продолжи мизеријата на Победа, која со крупни чекори оди кон Втората лига. Чаирчани славеа победа од 3-0 на гости кај прилепчани, кои овој пат како домаќини играа во Кочани. Победа нема триумф во Првата лига уште од четврти ноември минатата година, кога го совлада Силекс.

РЕЗУЛТАТИ ПРВА ЛИГА 29.КОЛО

ВАРДАР – РЕНОВА 2-0
(Најдовски 45’, Жунињо 50’

ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. 4-2
(Радески 8’, 31’, Имери 40’, Муслиу 87’; Тантуровски 59’, Карвалјо Паду 90’)

АКАДЕМИЈА П. – БЕЛАСИЦА 0-2
(Дробаров 21’, Георгиев 30’)

СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ 1-0
(Георгиев 65’ пен.)

ПОБЕДА – ШКУПИ 0-3
(Сержињо 50’, Ангелов 73’, 83’)

ТАБЕЛА
1. ШКЕНДИЈА 66
2. ВАРДАР 54
3. АКАДЕМИЈА П. 47 (-1)
4. ШКУПИ 39
5. РАБОТНИЧКИ 39
6. РЕНОВА 36
7. МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. 35
8. СИЛЕКС 31
9. БЕЛАСИЦА 27
10. ПОБЕДА 20 (-1)