Македонскиот шампион Вардар ја забележа првата победа во новата сезона, по денешниот лесен триумф против прилепска Победа со 4-0 во второто коло во Првата лига, во кое дебитантот Академија Пандев стигна до историската прва прволигашка победа.

Црвено-црните врза две победи за четири дена и максимално полни со самодоверба и со победнички дух в четврток ќе излезат на мегдан на пеколниот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул против турскиот гигант Фенербахче во битката за да напишат историја и скопските 2-0 да ги претворат во заверена европска есен во групната фаза во Лига Европа.

Не му требаш многу на Чедомир Јаневски, новиот вардаров кормилар да покаже дека од овој Вардар може да се очекува фудбал за сладокусци. Импресивно црвено-црните одиграа на теренот во Ѓорче Петров, иако со два тренинзи по исцрпувачката битка со Фенер во четвртокот, излегоа и со комбиниран тим, па само шестмина играа од почетокот од стартерите на дуелот со Турците (Гачевски, Новак, Демири, Којашевиќ, Фелипе и Барсегјан). Но тоа не ги спречи на Победа да и одржат лекција, да наметнат игра, каква што шампионот не ја демонстирал така убедливо во изминатите години. Со пресинг пред противничкиот шеснаесетник, со диктирање игра, комбинаторика во средниот ред и постојано ослободување по крилните позиции, вардарци беа и тоа како опасни, но за да ја наполнат мрежата на прилепчани им фалеше завршно додавање.

Тигран Барсејгјан по четири минути ја најави победата по одлините комбинации на вардаровиот среден ред и завршниот еден-два со Дамир Којашевиќ. Црногорецот додаде втор гол во финишот на првиот дел, откако Барсегјан повлече акција по десно, која резултираше со удар на Бесир Демири, а Којашевиќ одбиената топка ја смести во мрежата. Новиот Бразилец, Итало по 22 минути од своето деби (68 минута) ја запечати убедливата победа од втор обид, откако првиот со глава му го одбрани Давор Талевски. До крајот, и Фелипе од пенал се запиша во листата на стрелци откако младиот Стојчевски беше фаулиран во шеснаесетникот на Победа.

Академија Пандев ја забележа првата прволигашка победа во својата историја, откако денеска за половина час го суреди Скопје и стигна до заслужен триумф на „Младост“ во Струмица. Пелистер и Работнички во дербито на претендентите за Европа ремизираа 1-1 на „Тумбе Кафе“ во Битола.

ПРВА ЛИГА, ВТОРО КОЛО

Вардар – Победа 4-0 (2-0)

Барсегјан 4, Којашевиќ 45+1, Итало 68, Фелипе 83

Академија Пандев – Скопје 2-0 (2-0)

Дориев 6, Мишов 35

Пелистер - Работнички 1-1 (0-0)

Љамчевски 66 - Маркоски 50

ВЧЕРА

Ренова – Силекс 0-3

Георгиев 29, Тимов 35, Алексовски 89

УТРЕ

Чаир: Шкупи - Шкендија

ТАБЕЛА: Силекс 6, Академија Пандев 4, Пелистер 4, Вардар 3, Шкендија 3 (-1), Работнички 2, Шкупи 1 (-1), Ренова 1, Победа 0, Скопје 0.