Вардар е носител две кола, ама патот им е многу тежок веќе од втората рунда (ФОТО)

Најтрофејниот македонски клуб Вардар есеноска напиша историја со пласманот во групната фаза во второто по ранг натпреварување Лига Европа, како прв македонски тим кој успеал да се најде во големото друштво на големата сцена во европскиот фудбал. Поради тој успех, Вардар летово ќе биде носител во две кола, но промените што ги направи УЕФА некако ептен ја затвораат вратата за повторување на таков успех преку – нормалниот дел од квалификациите.

Вардар има рејтинг од 5.000 рејтинг-поени и тоа му гарантира улога на носител во две рунди, но тоа не значи дека црвено-црните уште сега треба да слават пласман во третото коло, затоа што најпрво ќе мора да одиграат на теренот и да ја потврдат својата фаворитска улога. Ако, нешто е добро од почеток е што за противник во првото коло може да добијат аматери, против кои секоја победа помала од три разлика би била срамна (Андора, Сан Марино, Гибралтар, Малта...), но во групата на неносители има и неколку „мини“, кои не се така лесни, иако рејтингот вели поинаку. Пред се екипи како Вадуц од Лихтенштајн, кој игра професионално во Швајцарија, потоа унгарски Ференцварош и Ујпешт, црногорски Будуќност...

Пласманот во второто коло за Вардар му носи повторно шанса како носител да ја оправда фаворитската улога, но сега црвено-црните би имале уште потешка задача, ако им се паднат екипи, кои можеби имаат и поквалитетни тимови во моментов од израелските Беитар и Хапоел Хаифа, кипарските АЕК Ларнака и Анортозис, полските Јагелонија и Горњик Забрзе, шведски АИК Стокхолм, Хакен, Ѓургарден, бугарските ЦСКА, Левски, па шкотски Глазгов Ренџерс, казахстански Каират, каде замина бразилецот Фелипе, се до балканските Сарајево, Железничар, Домжале, Младост Подгорица, кои некако делуваат во моментов и најпосакувани за противник од оваа перспектива.

Колкава ќе биде амбицијата на црвено-црните летово најмногу зависи од како ќе биде одработен преодниот рок во кој се најавуваат десетина нови имиња и дали сите тие во формирањето на нов тим низ подготовките би можеле така експресно да се вклопат за вардаровата јавност да гледа ново долго европско лето. Вардар по завршувањето на сезонава без трофеи остана без речиси целиот тим што напиша историја, па сега сомнежите кај навивачите се дека црвен-црните летово нема да имаат (пре)големи амбиции на меѓународна сцена.

Ако Вардар добие противник по мерка во второто коло и успее тоа да го мине, во третото коло ги чека вистински пекол, затоа што како сигурни неносители може да добијат гианти од типот на Севилја, Зенит, Бешикташ, Олимпијакос, Спарта Прага, Копенхаген, Брага, Генк, АЗ Алкмар, Лајпциг, Барнли, Феенорд...

Ждрепката за првите две рунди е на 19 јуни, а стартот за вардарци е на 12 јули со првиот меч, а на 19 јули со реваншот.