Уште еден играч си замина од Ѓорче: Јашароски го засилува Пелистер?

После заминувањето на низа првотимци и клучни играчи на Македонија ЃП, уште еден фудбалер на „лавовите“ заминува од Ѓорче Петров – напаѓачот Ален Јашароски.

Голгетерот кој ланското лето ги засили „лавовите“ после едногодишна интернационална кариера во косовска Приштина, сега е пред потпис со повратникот во македонската елита Пелистер и се очекува само официјална промоција на Јашароски во зелено-белиот дрес. Тој е поранешен фудбалер на Шкупи, Работнички, Еуромилк Горно Лисиче, Хоризонт Турново, Скопје, Металург, а изминатата сезона која се прекина му беше вторпат како го носеше дресот на ѓорчепетровци.

Заминувањето на Јашароски од Макеоднија ЃП е само продолжение на распаѓањето на тимот кој ланското лето играше во Европа, а годинава извиси за место по прекинатата сезона поради чудната одлука на ФФМ за да го протурка Шкупи со подобра гол-разлика и подобар пласман на табелата, иако „лавовите“ имаа подобар меѓусебен дуел со чаирчани. Пред Јашароски, тимот го напушти најдобриот Бразилец Робсон Да Силва, кој замина во Беласица, Дејан Тантуровски замина во Силекс, заминува и голманот Марко Јовановски, додека Томе Китановски се најавуваше како засилување на Шкупи.

Пелистер веќе на големо работи на засилување на тимот, па во Битола веќе дојдоа четворица фудбалери, Црногорецот Иван Пејаковиќ кој е офанзивно крило, потоа голманот Давор Талески, играчот за врска Ѓорѓи Танушев, како и Дарко Илиески, кој ја зголемува конкуренцијата во дефанзивниот дел.