УЕФА го суспендира финансискиот фер-плеј - Вардар не мора да стравува за лиценца

Постои голема неизвесност во европскиот фудбал поради коронавирусот, па затоа Европската куќа на фудбалот (УЕФА) постојано разработува нови идеи и нови планови. 

Наводно, УЕФА планира да го укине Финансискиот фер-плеј за клубовите во времетраење од една година, пишува „Газета дело спорт“. Засега ова е во доменот на шпекулации, но еден ваков потег би им дал многу повеќе слобода на клубовите финансиски подобро да го амортизираат натпреварувачкиот мораториум.

Со оглед на фактот дека низ цела Европа не се игра фудбал, клубовите не можат да заработат од продажба на билети, а доколку не бидат одиграни сите натпревари од сезоната во домашните првенства и секако европските купови, тие ќе мораат и да вратат дел од парите добиени од тв-правата.

Укинувањето на Финансискиот фер-плеј би можел да биде и добра вест за македонскиот шампион, кој најверојатно би бил Вардар. „Црвено-црните“ имаат сериозни финансиски проблеми, па минатата година не добија лиценца за настап во европските купови, а истото им се закануваше и ова лето. Вардар и да биде шампион најверојатно немаше да игра во квалификациите за Лигата на шампиони.

Но, без строгите финансиски правила на УЕФА, Вардар би можел да добие шанса во квалификациите од Лигата на шампиони. Засега оваа информација е во доменот на шпекулациите, а конечната одлука ќе зависи од тоа уште колку долго ќе трае застојот во европскиот фудбал поради пандемијата од коронавирусот.