Таневски: Македонија ЃП има карактер и лавовско срце, тоа е нашата тајна

Македонија Ѓорче Петров има фантастичен старт на сезоната во Првата лига и по пет кола собра 11 бодови. Иако распоредот на ѓорчепетровци им беше исклучително тежок, сепак трите победи и двете ремија се одличен скор за почеток на првенството. 

Во премиерното коло „лавовите“ го победија Вардар, одиграа реми 1-1 на гости кај шампионот Шкендија, а на домашен терен ремизираа без голови и со Академија Пандев. Тука се и победите против Силекс од 4-3 на гости, а вчера и против Борец од 3-1.

„Бев скриен оптимист на почетокот на сезоната, но дефинитивно не очекувавме вакви резултати против најсилните екипи во нашето првенство“, вели тренерот на Македонија, Александар Таневски.

Младиот фудбалски стратег ја одработува третата сезона на клупата на „лавовите“. Го презема тимот, кога беше на дното во Втората лига, но успеа да го врати во елитата, а лани дури и да игра во финалето на Купот. Тој вели дека нема многу тајна во успехот на тимот. Карактерот и желбата на играчите се клучот на резултатите. 

„Ние не направивме нешто многу промени во составот во однос на ланската сезона. Промовиравме неколку млади играчи од нашата академија, кои покажаа дека се достојни за прволигашки фудбал и буквално импресионираат на стартот од сезоната, а тоа се Арбин Воша и Сефер Емини. Можеби малку не размрда тешката повреда на Дејан Тантуровски, кој беше еден од нашите најдобри играчи лани, но веруваме дека ќе се врати посилен на теренот. Тука е искусниот Боби Божиновски, кој е вистински лидер на теренот, но и на тренинзите и со неговото искуство и знаење, тој е многу значајна алка во нашиот тим. Во тимот одлично се снајде Ермедин Адем, кој дојде летово, но се врати во позната средина, бидејќи е поранешен играч на Македонија. Мислам дека младите фудбалери ни дадоа една нова димензија во играта. Ние сакаме да играме фудбал и тоа добар фудбал. Ме радува што дечките имаат карактер. Имаме млади фудбалери со вистинско лавовско срце, а тоа е нашата тајна“, додава популарниот „Клајне“.

Македонија доста рано почна со сезоната, бидејќи изминатото лето беше еден од македонските претставници во Лигата на Европа. Поранешниот шампион не се прослави, па беше елиминиран од Алашкерт со два порази. Сепак, Таневски смета дека собраното искуство во Европа било драгоцено, пред сè подготовките.

„Алашкерт беше големо искуство за нас. Мислам дека подготовките ни помогнаа многу за овие добри игри, бидејќи тогаш забележав дека младите фудбалери се наметнуваат. Игравме силни пријателски натпревари и младите фудбалери од нашата школа беа одлични. Тоа ме направи горд и им дадов шанса во првенството. Ја искористија максимално и импресионираат на теренот“. 

 Ѓорчепетровци не летаат во облаци по одличниот старт на сезоната. Амбициите и натаму остануваат да се обезбеди опастанок и што подалеку да се стигне во Купот.

„Не се залетуваме премногу и наша примарна цел е да се обезбеди опастанок. Тука сигурно дека ќе ја бараме нашата шанса и во Купот. Сакаме да стигнеме што подалеку. Сигурно дека ако се случи да дојдеме до финалето, ќе сакаме да го освоиме. Ние не сме некој богат тим, но ги имаме сите потребни услови. Управата си ја врши работата како што треба, играчите се среќни, има одлична атмосфера во тимот и наше е само да работиме и да гледаме напред. Сезоната е долга. Ќе видиме каде ќе не однесе“, завршува Таневски.

Во следното коло, што е на програмата во среда, Македонија Ѓорче Петров му гостува на Работнички.