Судијата што го оштети Вардар се „вади“: Не навивам за Шкендија, а голот беше чист!

Реакциите по контраверзниот гол на дербито помеѓу Вардар и Шкендија, што се одигра вчера и натаму не стивнуваат. 

Изаир Емини погоди за 0-1 во финишот на првото полувреме, а овој гол предизвика многу реакции кај фудбалерите на Вардар, кои сметаат дека топката не ја мина целосно гол-линијата. Страстите зовреа на стадионот „Борис Трајковски“ во Скопје, но помошникот судија Куштрим Лика, кој му сигнализираше на главниот судија Марјан Маркоски вели дека голот на тетовци бил регуларен и целосно ги отфрла обвинувањата дека е навивач на Шкендија.

„Да, голот беше регуларен“, изјави Лика за „Лајм“. „Топката ја мина гол-линијата. За тоа сум 100 отсто сигурен. Не сум навивач на Шкендија“, додаде помошникот судија. 

Изјавата на Лика е сама по себе контраверзна, бидејќи на судиите строго им е забрането да даваат изјави за медиумите. Тие впрочем не смеат да го коментираат своето судење, ниту пак судењето на друг судија додека се активни делители на правдата на фудбалските терени.