Ставрев откажал зашто не го пуштале од работа!?

Македонскиот интернационален судија Александар Ставрев и покрај тоа што го знаел терминот за одигрување на првото пролетно коло во Првата лига, уште од завршувањето на есенскиот дел, сепак завчера доцна навечер откажа да го суди дербито помеѓу Шкендија и Вардар со причината дека не можел да излезе од работното место кое што го врши професионално.

Ставрев беше делегиран за еден од најзначајните мечеви пролетва помеѓу двата конкуренти за титулата, меч кој може и да го реши текот на овој шампионат во земјава поради големата предност на Шкендија во однос на Вардар по првиот дел од сезоната.

Но, еден од најдобрите македонски судии изненадувачки се повлекол од арбитражата, па синоќа Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објави дека на негово место главен арбитар ќе биде Марјан Ецкоски.

Ставрев работи во приватна фирма и досега немал проблеми за да суди фудбалски мечеви среде недела, со оглед дека и во есенскиот дел од сезоната имаше многу вонредни кола, а патем беше делегиран и судеше европски натпревари исто така. Сега, одеднаш работните обврски се испречија како непремостлива пречка за тој да „свири“ на стадионот под Шара.

Овој македонски фудбалски судија во изминатите години се соочи со низа критики на својата арбитража најчесто во дербијата за титула помеѓу големите ривали Шкендија и Вардар, а пред две години, скопските црвено-црни бараа и изземање од нивните мечеви поради лошото судење на куп-мечот со Шкендија на Чаир, кога двајца вардарови фудбалери беа исклучени во првото полувреме.

Вардар и Шкендија ќе се соочат денеска од 14 часот во воведното пролетно коло во Првата лига.