Србинот Кокеза не им пренел коронавирус на челниците на ФФМ во Амстердам!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини и потпретседателот Лазар Ракиџиев го минаа двенеделниот период во самоизолација без никакви симптоми на коронавирусот, откако на Конгресот на УЕФА во Амстердам беа на исто место заедно со првиот човек на српскиот фудбал, Славиша Кокеза и неговиот потпретседател, кои потоа беа позитивни на КОВИД-19, болеста која го парализира целиот свет.

Без никакви симптоми се и селекторот Игор Ангеловски и портпаролот Златко Андоновски, кои исто така беа во Холандија, кои ден подоцна се вратија во Скопје што значи дека нивниот 14-дневен самоизолациски период завршува утре.

Истовремено, ФФМ информира дека до 24 март ќе работи ограничено во однос на човечките ресурси присутни во Куќата на фудбалот, односно само во исклучително потребни случаи, администрацијата на ФФМ ќе биде на работните места во федерацијата. За да се намали фреквенцијата, особено за документите и барањата кои најчесто им се потребни на клубовите од сите категории, ФФМ овозможи најчесто бараните документи, или други потреби да се добиваат по електронски пат.