Срамота: Само во Белград и Прилеп минута молк за великанот Дојчиновски!

Македонскиот фудбал пред четири дена загуби еден од своите великани, легендарниот Кирил Дојчиновски, кој почина на 78-годишна возраст, но иако станува збор за еден од десетте најголеми македoнски фудбалери, денеска на прволигашките мечеви минута молк имаше само во Прилеп на мечот Победа – Тиквеш.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го заборави легендарниот дефанзивец, па викендов од пет меча кои се играа, вчера еден на Чаир и денеска четири, само во најфудбалскиот град во земјава се сетија самоиницијативно пред мечот со кавадарчани, да му оддадат почит на Дојчиновски. Вчера во Белград, Црвена Звезда пред мечот со Вождовац му оддаде почит на својот поранешен фудбалер од 70-те, кој остави силен белег во црвенo-белиот дрес.

Сериозен и срамен пропуст е потегот на ФФМ која си ја заборави својата легенда, првиот Македонец кој играл на едно Светско првенство, кој остави силен белег во светскиот фудбал и како фудбалер на Вардар, белградска Црвена Звезда, француските Троа и ФЦ Париз, а потоа и како тренер и селектор, зашто не даде наредба сите мечеви во прволигашката конкуренција да почнат со минута молк.

Ниту матичниот Вардар вчера пред пријателскиот меч со Локомотива не се сети на Дојчиновски за мечот да го започне со минута молчење во негова чест.