Соседското дерби на „Филип Втори“ утре од 14 часот

Соседското дерби помеѓу Работнички и Вардар во рамките од 21-то коло во Првата фудбалска лига ќе го најави колото викендов, па ќе се одигра утре попладне од 14 часот на најголемиот наш стадион Националната Арена „Филип Втори“.

Вардар и Работнички есеноска забележаа по една победа. Прво триумфираа дебармаалци со 1-3, кога домаќин беше Вардар, а потоа црвен-црните се реваншираа во заостанатиот меч одигран на 13 декември со триумфот со 1-0.

Вардар во соседското дерби влегува по две ремија (едно во Купот) со тетовска Шкендија, зад која заостанува и понатаму со осум бода, како и по една победа над прилепска Победа (3-0), додека Работнички против шампионот ќе ја бара првата пролетна победа по ремито без голови со Ренова дома (0-0) и неочекуваниот пораз од Пелистер (2-3) во минатото коло.

Во ова 21 коло во кое другите мечеви ќе се играат в недела од 14 часот на програмата се дуелите Шкендија – Академија Пандев, Победа – Шкупи, Силекс – Пелистер и Скопје – Ренова.