Сомнеж за местенка со Работнички: Победа се самопријави во ФФМ! (ФОТО)

Откако Победа во средата со голем пресврт загуби од Работнички во петтото прволигашко коло со 2-4, иако на полувреме прилепчани водеа со два голови предност, низа шпекулации за сомнителноста на овој меч во чаршијата и јавноста го натераа првиот човек на клубот да се самопријави во ФФМ за преку истрага да докаже дека немало нечесни игри.

Претседателот на клубот Гоце Ингилизов испратил писмо до ФФМ и надлежните органи, посебно комисијата за интегритет, која е одговорна за да истражува секакви сомнежи за нечесни игри во фудбалот, да го испитаат овој случај.

Очигледно Победа е алергична на приказни со местенки, посебно откако УЕФА ја казни со најголемата казна што досега еден клуб ја заработил во светскиот фудбал, да биде прилепскиот тим ипрактично избришан од фудбалската мапа. Казната од УЕФА дојде поради спорниот меч на Победа со Пјуник во 2004 година и поразот со 1-3 во Скопје, по што по неколкугодишно докажување, прилепчани беа прво исфрлени од елитното друштво, а потоа и избришани ако фудбалски клуб по пресудата на европската централа и потврдата од Лозана.

„Почитувани, поради многуте шпекулации по социјалните мрежи и медиумите за наместен меч мешу Победа и Работнички одиграна на 20 септември 2017 година, би сакал да се испита и да се утврди дали има некакви неправилности. Јас како претседател на клубот чувствувам одговорност и сакам да се расветли случајот и ако има нешто спорно да се казнат виновниците“ напишал Ингилизов до ФФМ.

Победа објави дека бара детална истрага, а потенцира дека ова раководство на прилепскиот клуб со вакви нечесни работи нема да се занимава, како и со шпекулации и невистини од луѓе кои не му мислат добро на клубот.

Инаку по поразот од Работнички со 2-4, тренерот на Победа, Зоран Штерјоски си поднесе оставка, а ден подоцна клубот објави дека спогодбено е раскинат договорот и на негово место денеска од Прилеп објавија дека доаѓа анонимниот Црногорец, Славољуб Бубоња.