Шок во Анталија: Самсоненко ги ослободи сите фудбалери, Русинот го напушта Вардар!

Очајна вест за навивачите на Вардар доаѓа од Анталија, каде што по денешниот тест меч со Црвена Звезда, на играчите им било соопштено дека сите се слободни и дека Сергеј Самсоненко нема да продолжи да го финансира клубот.

„Толку од Самсоненко, сите сте слободни фудбалери, барајте си нови клубови додека има време“, им било соопштено на играчите. 

Ова било шокантно за сите во клубот, Вардар и досега беше во голема криза, фудбалерите немаа земено плата речиси цела сезона, но постоеше оптимизам за подобри денови.

Не се знае дали Самсоненко истото ќе го направи и со ракометниот клуб, но овој потег е разочарувачки затоа што фудбалската екипа имаше добра сезона, есенскиот дел го заврши со предност од осум бодови пред втората Шкендија...

Шпекулациите од чаршијата се дека фудбалската екипа сега ќе биде преземена од страна на локалните власти во Скопје, а дека ракометниот тим ќе продолжи да функционира, но со скромен буџет и без амбиции во ЛШ, чиј моментен освојувач е токму црвено-црниот клуб. 

Ова не е првпат Самсоненко да објави дека го напушта црвено-црниот брод, неколкупати се колебаше, си одеше па се враќаше, но овојпат се чини дека работата е најсериозна.