Шкупи се засили и во одбраната со Босанецот Типуриќ

Амбициозниот прволигаш Шкупи го затвори зимскиот преоден рок со уште едно засилување и тоа со Босанец од Австрија, Тони Типуриќ, кој доаѓа како и сите досегашни засилвања како слободен играч.

Типуриќ потпиша 18-месечен договор и до крајот на неделава ќе дојде во Чаир. Игра на позиција стопер, има 27 години, висок е 190 сантиметри. Роден е во Сараево, но кариерата во најголем дел ја мина во Австрија, како член на Австрија Виена, Адмира Вакер и Австрија Лустенау, а играл и во Левадија Талин (Естонија), а потоа играл и за словачко Злате Моравче, романска Конкордија, како и за хрватска Цибалија.

Тој е последно засилување, кое Шкупи го носи во „пет до 12“, а сезонава амбивиозните чаирчани засилени со нов спонзор донесоа низа искусни фудбалери како Благоја Љамчевски, Баже Илијоски, Стефан Вујчиќ, Турчинот со славно име и презиме Емре Џан, младинскиот косовски репрезентативец Рон Броја, како и двајца младински репрезентативци од Екваторијална Гвинеја, Базилио Ндонг и Маријано Ондо.

Шкупи објави и дека потпишале нов договор до 2021 година со младиот Бесарт Кривањева.