Шкупи пред финансиски колапс - загубија спор во ФИФА, треба да платат огромни пари!

Македонскиот прволигаш Шкупи се наоѓа во многу незавидна позиција во која буквално е доведен во прашање опстанокот на клубот, зашто чаирчани судски загубиле спор со косовска Трепча за поранешниот фудбалер за врска Рон Броја, бившиот капитен на младинската селекција на Косово.

Шкупи кон Трепча има долг од 180.000 евра на име тренинг-компензација, зашто најголемиот дел од кариерата и развојот на фудбалерот за врска го минал во овој клуб од родната Косовска Митровица, а еден мал период минал и во Белгија во Гент и Денизе, пред да заигра за првиот тим во својот роден град. Од 2018 до 2019 година беше дел од чаирски Шкупи, за кој одигра 47 меча и има еден гол, за потоа ланското лето да се пресели во соседна Албанија. Броја има настапи за младата селекција на Албанија и на Косово, а има и еден настап за сениорската селекција на Косово.

Броја беше еден од најдобрите фудбалери што во последно време играле во Шкупи, ама чаирчани се обиделе да ги издриблаат Косовците, па откако Броја заминал во албански Партизани, сега стигнала на наплата тренинг-компензацијата која не е воопшто  мала. Тренинг-компензацијата се исплаќа за секој фудбалер за секоја година мината во клубот од својата 12-та година до својата 21 година. Плус, станува збор за репрезентативец, а сумите за тренинг-компензација токму за Европа се најголеми во споредба со други континенти од светот.

Поради ова, чаирчани ако не ги платат парите се соочуваат со санкција, најмалку казна од два преодни рокови поради неправилни трансфери (нешто што го снајде Вардар во минатата година), но можни се и други суспензии, кои буквално би го довеле опстанокот на клубот во прашање, зашто со пресудата Трепча секако во некој момент ќе си ги наплати парите со посредство на ФИФА, чија одговорност е регулирањето на трансферите низ светот.

Поради овој голем проблем и сериозниот долг што го имаат чаирчани, чаршијата одамна гласно зборува дека продолжението на сезоната во Првата лига е со цел да му се угоди на Шкупи за да излезе во Европа. Пласманот на меѓународна сцена ќе им донесе сигурни 240 илјади евра, со што секако би ја платиле сумата што ја должат, а секако и ќе донесат политички поени за претстојните избори со трет настап во Европа на овој клуб.

Шкупи во претходните две сезони играше во квалификациите за Лига Европа и својот настап го завршуваше во првото коло, прво беше елиминиран од Глазгов Ренџерс во летото 2018, а лани од ерменски Пјуник.