Шкупи како дома и надвор од Чаир: Шверцери го „окупираа“ Ѓорче Петров! (ФОТО)

Не играат на својот „Чаир“, но навивачите на Шкупи не отстапуваат од обврската и привилегијата да бидат домаќини во натпреварот со Вардар, реванш од осминафиналето во Купот на Македонија.

Порталот Инфоспорт објави фотографии од Шверцери како се собираат пред натпреварот кој треба да почне во 13 часот, на стадионто во Ѓорче Петров. Воопшто не делуваат малку, а работата им ја олесна тоа што влезот за натпреварот е бесплатен.

Се очекува голема поддршка за Шкупи од трибините во Ѓорче, но исто така се поставува и прашање дали натпреваров ќе помине мирно и без инциденти. Тешко дека и Комити ќе го остават својот тим без поддршка на стадионот, така што ќе биде предизвик за оние што треба да го одржуваат редот, безболно да изманеврираат евентуална средба меѓу двете навивачки групи.

Првиот меч меѓу Вардар и Шкупи заврши 1-1, исто така во Ѓорче Петров, така што Шкупи има мала предност со оглед дека веќе има реми со гол во гости. Нивниот стадион во Чаир беше отфрлен како можност поради лошиот терен.