Шкупи бара трет тренер сезонава: Акин по само два меча си замина од Чаир!

Македонскиот прволигаш Шкупи после само два меча и две недели претстој на новиот тренер Булент Акин ја прекина соработката со тренерот, кој дојде да го наследи Умит Каран, па чаирчани од вечерва се во потрага по трет тренер за оваа сезона.

Акин дојде за време на паузата поради евроквалификациите, а чаирчани официјално го промовираа на 5 септември. Точно 14 дена подоцна, после победа над Силекс со 1-0 и поразот вчера од Вардар пред домашната публика со 1-2, дојде и разделбата.

Како што објави Шкупи, Акин после состанокот со клупската управа веднаш по поразот од лутиот ривал Вардар донеле одлука да ја прекинат соработката, а чаирчани му се заблагодарија за придонесот во овие 14 дена. Инаку Турчинот родум од Белгија беше извиркан за време на дербито, кога се реши да го замени капитенот Муарем Бајрами.