Шкупи бара нов тренер: Нухиу ги напушти чаирчани по слабите резултати!

Иако сериозно се засилија, донесоа осум новајлии по доаѓањето на новиот спонзор, Шкупи не ги исполни очекувањата освојувајќи само шест бода во петте пролетни кола, по што европскиот настап како зацртана цел на чаирскиот прволигаш е доведен под знак прашалник и поради тоа, управата на клубот реши да го смени првиот тренер Ардијан Нухиу.

Нухиу и Шкупи спогодбено ја прекинале денеска соработката, откако чеирчани успеаа да освојат три бода само на пролетната премиера кога со пет гола ја наполнија Академија Пандев. Сега, по пет рунди во овој пролетен дел, Шкупи останува на седум бода заостаток зад Силекс, а само со бод повеќе од Работнички во трката за Европа.

„И покрај фактот дека донесовме квалитетни засилуваа, не успеавме да го оствариме планираното од почетокот на сезоата, па најдобар начин е да се прекине соработката со актуелниот тренер Ардијан Нухии. Без сомнение неговиот придонес кон овој клуб е огромен и ние му благодариме за се што направи досега“, рекол Шефшет Демири, сопственикот на чаирчани.

Од клубот потенцираа и дека наскоро ќе објават кој ќе го наследи Нухиу на кормилото за да ја продолжи битката за Европа сезонава.

Ова е втора промена денеска на тренерското место, откако Победа пред два часа го именува Слободан Крчмаревиќ за свој нов тренер, по заминувањето на Славољуб Бубања од здравствени причини.