Шкендија веќе во недела може да се круниса за нов шампион!

Тетовска Шкендија, актуелниот прволигашки лидер, која денеска избега на 13 бода на шест кола до крајот на сезоната, веќе во недела може да се круниса за нов првак и да ја освои четвртата шампионска титула во својата историја.

Шкендија викендов ѝ гостува на Беласица во Струмица, која е последна и практично лесна задача би требало да биде овој меч за тетовци на патот кон шампионскиот трофеј. И ако нивниот најголем ривал Шкупи, кој врза два порази во низа, со Ренова 1-2 и денеска со Беласица 0-1, повторно загуби, а игра кај незгодниот Борец во Велес, прашањето за шампионската трка ќе заврши.

Со такво сценарио победа на Шкендија и пораз на Шкупи, практично тетовци ќе избегаат на недостижни 16 бода предност на пет кола до крајот од кои максимално може да се освојат 15 бода.

Во другата варијанта, ако Шкупи освои бод со реми, Шкендија ќе дојде на 15 бода предност и практично ќе ја има титулата во рака, зашто на пет кола до крајот теоретски ќе им треба само бод и тоа исклучиво поради дербито со Шкупи во последното коло околу разврската за меѓусебните дуели (две ремија досега). Токму поради тоа, Шкендија со реми на чаирчани в недела нема да се круниса за првак и ќе мора да сочека една седмица, иако повеќе од јасно е дека иако е само теорија, во пракса незвозможно е црвено-црните да прокоцкаат 15 бода и до крајот сѐ да загубар за Шкупи да направи чудо со победа во последното коло.