Шкендија со (пре)тешка задача за ЛШ, но би можела до плејофот во ЛЕ! (ФОТО)

Тетовска Шкендија за малку не успеа да влезе во групата на носители во првото квалификациско коло во Лигата на шампионите и тоа благодарение на Бобан Николов, кој со гол ја запечати шампионската титула на унгарски Видеотон, па тетовци сега по потежок пат ќе се борат за поголем успех во овие летни настапи на меѓународна сцена.

Шкендија како неносител ќе мора да се моли на среќата во првото коло да добие тим кој според рејтингот и реномето е близу до нив, а од носителите тоа се босански Зрињски, албански Кукс, велшки ТНС или стариот познаник од лани, фински Хелсинки, кого го минаа во третото коло во квалификациите за Лига Европа. Од друга страна, гиганти како Лудогорец (Бугарија), Селтик (Шкотска), АПОЕЛ (Кипар), Легија (Полска), Црвена Звезда (Србија), Розенборг (Норвешка), Астана (Казахстан) се екипи кои во моментов барем на хартија се далеку пред тетовци.

Ако успее Шкендија да го мине првото коло, останува неносител во второто и повторно противник ќе чека од екипите кои се со најдолем рејтинг, но тогаш со испаѓање во ова второ коло, автоматски би се преселила во третото коло во квалификациите во Лига Европа.

Но, и да испадне Шкендија во првото квалификациско коло во Лигата на шамппионите, авантурата на црвено-црните нема да заврши за една седмица, туку тие ќе продолжат од второто квалификациско коло во „шампионската група“ во квалификациите во Лига Европа. А, таму, за почеток повеќе од извесно ќе бидат носители и со фактот дека може да добијат противник од Гибралтра, Малта, Сан Марино, Косово..., им ја отвора шансата да играат трето коло во квалификациите за Лига Европа. УЕФА наскоро треба да го дефинира распоредот по квалификациските циклуси (најмногу за оваа шампионска група во Лига Европа), но Шкендија лесно може да стигне да игра повторно плејоф за пласман во второто по ранг натпреварување.

Се зависи во третото коло, кој сè ќе испадне и од второто квалификациско за ЛШ, но и од тие што би минале од второто во Лига Европа, па црвено-црните иако повеќе од сигурно е дека нема да бидат носители, би се надевале на поволна ждрепка (Кукс, ТНС...) за да се изборат за повторување на нивниот најголем успех на евросцената од последните две сезони. Во плејоф фазата (4.коло) веќе извесно е дека не би биле носители и би имале тешка задача, но и предизвик да направат сензација за да го повторат успехот на Вардар.

Сепак, какви амбиции ќе има Шкендија најмногу ќе се види и од преодниот рок, но и дали ќе се остварат најавите дека дел од најдобрите фудбалери ќе си заминат од овој клуб. Инаку, Шкендија со самото освојување на титулата во Македонија веќе си инкасираше 750 илјади евра, затоа што има загарантирани четири европски мечеви.

Ждрепката за првите две кола е на 19 јуни, а првите мечеви се закажани на 10 и 11 јули, додека ревашните на 17 и 18 јули