Шкендија се спаси, Вардар пропушти шанса да се врати во игра за титулата (ВИДЕО)

Разликата на табелата во трката за шампионската круна остана на осум бода помеѓу есенскиот лидер Шкендија и актуелниот првак Вардар и по денешното дерби за круната во Тетово, кое заврши без победник, но со многу возбудувања и шанси (1-1) на стартот на пролетниот дел од сезоната во Првата лига.

Пет минути ги делеа вардарци од голема победа за да се вратат во битката за титулата откако капитенот Бобан Грнчаров погоди во мрежата на Шкендија по еден корнер во 78-та минута, но Бесарт Ибраими не дозволи пораз на тетовци во 85-та минута, па со тоа овие два црвено-црни табори првпат сезонава одиграа без победник. Есеноска Шкендија дома победи со 2-0, а Вардар на свој терен со 4-2, па до крајот на првенството има само уште едно дерби на теренот на скопјани.

Неверојатно возбудлив и интересен меч одиграа двата кандидати за круната, во кој беа направени еден куп шанси, кои останаа нереализирани и на двете страни. За нијанса повеќе шанси имаа тетовци, но Филип Гачевски успеваше до лудило да го доведе моќниот напад на Шкендија, бранејќи им зицери на Марјан Радески, Бесарт Ибраими, Ферхан Хасани. Ништо покус не остана ниту Костадин Захов на спротивната страна, откако успеа да одбрани два зицери на Јован Попзлатанов и на Тигран Барсегјан, по еден во двете полувремиња, но вардарци имаа и тоа како низа опасни удари кои завршуваа над голот.

Со ваквиот рапслет, Шкендија останува на пол-позицијата за круната, а Вардар сега ќе мора да чека низа киксови на тетовци за да се стопи предноста до последното дерби, за да им се отвори шанса за да ја грабнат круната.

Денеска во другите мечеви во Првата лига, Шкупи амбициозно тргна со „петарда“ против Академија Пандев, додека Работнички ремизираше без голови.

ПРВА ЛИГА, 19 КОЛО

Шкупи – Академија Пандев 5-2 (3-1)

Илијоски 7,17, 24, Јашароски 59, Стојкоски 79 – Стоилов 31, Грифони 73

Шкендија – Вардар 1-1 (0-0)

Ибраими 85 - Грнчаров 78

Работнички – Ренова 0-0

Силекс – Скопје одложена

Победа – Пелистер 1-1 (1-1)

Даноски 12 - Маневски 9

ТАБЕЛА

Шкендија 47 бода, Вардар 39, Силекс 31 (-1), Шкупи 26, А. Пандев 25, Работнички 24, Победа 20, Ренова 19, Пелистер 17, Скопје 10 (-1).