Шкендија се надева на чуда на Балканот за да биде носител во квалификациите за ЛШ (ФОТО)

Тетовска Шкендија, која е на чекор да ја освои втората шампионска титула во Македонија со оглед дека има речиси недостижни 16 бодови предност пред актуелниот првак Вардар во моментов е на граница да биде носител во првото редовно квалификациско коло во Лигата на шампионите, но до крајот на сезоната треба да се случи чудо за да остане во рангот на фаворитите и да добие „послаб“ противник на стартот на европската авантура.

Шкендија е втор најслаб тим по рејтинг според коефициентот, барем засега, меѓу носителите во квалификациите, но тоа место воопшто не е сигурно, затоа што за таму да остане потребно е да им се склопат сите коцки на тетовци околу шампионите во неколку држави.

Во преден план тоа значи прво во Унгарија, Ференцварош да ја освои титулата пред Видеотон, а овие два тима, чии членови се бившите вардарци Стефан Спировски (Ференцварош) и Бобан Николов (Видеотон) ќе водат битка до самиот крај за шампионската круна. Ако биде Ференцварош шампион, тоа значи ќе има улога на неносител со коефициент 2.500, но ако Видеотон слави шампионски трофеј, тоа ќе значи дека според рејтинг ќе биде пред Шкендија (4.250). Ференцварош со меч повеќе има три бода повеќе од Видеотон.

Вториот услов е битката за шампионската круна во БиХ, каде Зрињски и Железничар се „тепаат“ за круната. Шкендија ќе навива Железничар да биде шампион поради послабиот коефицент на сараевчани во однос на тетовци (3.000), зашто во случај хрватскиот тим од Мостар да ја освои титулата би значело улога на носител со подобар коефициент од тетовци (3.750). Жељо во моментов има два бода повеќе од Зрињски

Третиот услов е словенечкиот шампионат, во кој моментно Олимпија Љубљана е прва со четири бода и меч повеќе од Марибор. Ако Олимпија стане првак и таа има послаб коефициент од Шкендија (2.900), но ако Марибор ја освои титулата со своите огромни 22.500 рејтинг-поени ќе ги истуркаат тетовци во групата на неносители.

Ако Шкендија успее да го мине првото коло, сигурно е дека во второто ќе биде неносител, а во зависност кога ќе испадне својата европска авантура летоска ќе ја продолжи во квалификациите во Лига Европа, каде што ќе игра во „шампионската група“ со противници, кои ќе бидат елиминирани токму од квалификациите за ЛШ.