Шкендија на шест бода до титулата!

Актуелниот прволигашки лидер Шкендија дојде ептен близу до нова шампионска титула, четврта во клупската историја, па само шест бода ги делат тетовските црвено-црни од нова шампионска радост, откако нивниот главен ривал Шкупи денеска се изрезили со поразот од фенерџијата Беласица со 0-1, а тетовци победија со 1-0 со Академија Пандев.

Бесарт Ибраими во 53-та минута беше клучен за нов триумф на Шкендија, откако го постигна единтвениот гол на мечот за 18-та сезонска победа по ова 27 коло во прволигашката конкуренција и сега има 13 бода повеќе на шест кола до крајот, што значи дека од максималните 18 бода им требаат само уште шест за теоретски да ја заверат круната, само поради фактот што во последното 33-то коло им е дербито со најголемиот конкурент сезонава.

Шкупи денеска на теренот на ФФМ се посрамоти против Беласица, па практично тоа што од поодамна веќе беше јасно дека чаирчани иако силно се засилуваа, имаа високи амбиции, моментно немаат капацитет за да ја нападнат Шкендија за круната, а сега струмичката гордост практично и дефинитивно ги откажа од таа трка за круната.

Македонија Ѓорче Петров со два гола на Самир Фазли го победи Борец со 2-1 за да се зацврсти на третото место и да дојде на само два бода од Шкупи, а како порачано им дојде и ремито на Струга Трим Лум и Работнички (1-1) на охридското крајбрежје, за да избегаат „лавовите“ на шест односно седум бода од двата ривали во трката за тоа трето место кое води во Европа.

Филип Миленковски погоди за водство на стружани, а Марио Станковски израмни после 13 минути во вториот дел од мечот.