Двата македонски бренда Беласица и Победа, кои грчевито се борат за опстанокот победија денеска во вонредното 30-то коло во Првата лига, а нивниот главен ривал за опстанокот Силекс загуби, па битката за прволигашкиот статус допрва ќе зоврие на шест кола до крајот на првенството, откако (не)очекувани регултати го одбележаа денешната рунда.

Иако Шкендија ја нема заверено титулата, денеска во Струмица дојде со втор тим и загуби од Беласица со 1-2, меч кој уште пред одигрувањето беше во фокусот поради вртоглавиот пад на коефициентите за победа на струмичани и тоа се оствари со головите на Пепи Георгиев во четвртата и на репрезентативецот Егзон Бејтулаи, кој си даде автогол во 64-та минута. Со триумфот Беласица сега му се приближи на Силекс на еден бод во битка за тој спас и обезбедување барем на бараж за опстанок.

Победа, иако со една нога во Втората лига, успеа сензационално да го изненади Работнички во Скопје па за 120 секунди во завршните 15 минути од мечот, прилепчани стигнаа до прв триумф од ноември лани и со тоа на минус осум од Силекс, но и со меч помалку од кратовци, кој треба да го одиграат на 1 мај против Академија Пандев. Победа уште повеќе им ги зголеми маките на дебармаалци, кои се во жестока битка за место во Европа, па денеска ги спречија повторно да се осамат на четвртото место на табелата.

За разлика од Шкендија која реши да си го урне имиџот на доминантен прволигаш во изминативе две сезони, Вардар не дозволи да си поига со својата гордост и чест, па ја победи Македонија ЃП на гостувањето со прекрасен гол на Бојан Колевски во 41-та минута и соло-мајсторија во 88-та, по што скопските црвено-црни сега ја намалија предноста на минус девет бода во однос на лидерот и првак од Тетово. Како и за мечот со Беласица, така и за овој во Ѓорче Петров коефициентот на победа на домаќинот паѓаше, но Вардар со еден потег стигна до триумф и не дозволи чаршиските муабети да се претворат во некави заговори. Македонија ЃП со поразот сега е поблизу во битката за опстанокот, отколку за Европа, зашто „лавовите“ се на само плус пет од струмичка Беласица.

Поранешниот македонски младински репрезентативец Бесир Исени му донесе огромна победа на Шкупи против Академија Пандев со гол на четири минути пред крајот за триумф со 1-0, по што „гулабите“ максимално го искористија киксот на Работнички за да избегаат на три бода предност за тоа четврто место на табелата, кое условно води во Европа.

ПРВА ЛИГА, 30. КОЛО (16 ЧАСОТ)

Беласица – Шкендија 2-1 (1-0)

Георгиев 4, Бејтулаи 64 аг. - Шефити 70

Македонија ЃП – Вардар 0-2 (0-1)

Колевски 41, 88

Шкупи – Академија Пандев 1-0 (0-0)

Исени 86

Ренова – Силекс 1-0 (1-0)

Миовски 5

Работнички – Победа 1-1 (1-0)

Вијачки 12 – Ефремов 74, Тимовски 76

ТАБЕЛА: Шкендија 66 бода, Вардар 57, А. Пандев 47 (-1), Шкупи 42, Работнички 39, Ренова 39, Македонија ЃП 35, Силекс 31, Беласица 30, Победа 23 (-1)