Шкендија го чека залетаниот Тиквеш, Шкупи во Прилеп по бодови

Двата конкуренти на лидерот Струга Трим Лум во трката за шампионската титула, Шкендија и Шкупи денеска ќе мора да победат после вчерашниот триумф на стружани, за да останат поблизу во трката за круната, а тетовци го чекаат дома залетаниот Тиквеш, додека чаирчани гостуваат кај Победа во Прилеп во ова 16-то коло во Првата лига.

Тиквеш ја нема победено Шкендија, во четири досегашни меча имаат два порази и две ремија, но ќе се обидат да ги изненадат црвено-црните, па дури и да дојдат пак на позиција за европско место меѓу првите четири, откако Силекс со кризата со четири меча по ред остана на само бод пред кавадарчани во досегашниот тек од сезоната.

За Шкендија нема друг избор освен победа откако го загубија дербито за титула со Струга пред две недели, па нов кикс би значел нов голем чекор наназад во трката за круната.

Шкупи е апсолутен фаворит за да го освои незгодниот Прилеп, само поради тоа што финансиите во Победа се проблематични поради кои во еден од големите македонски брендови фудбалот е во втор план, но ќе се обидат и во кризата да одговорат максимално и да изненадат, како неколкупати досега сезонава.

Академија Пандев која излезе од дво ипол месечната криза сега гостува кај фенерџијата Скопје и за да покаже живост струмичкиот тим ќе мора да победат. Фаворити се на хартија, но Автокоманда е секогаш тешка за освојување, па Скопје ќе се обиде да дојде до бодови за да фати приклучок за опстанокот после само шесте бода во 13 меча досега.

Скопска пресметка ќе се игра помеѓу Работнички и Македонија ЃП, двата екс-прваци кои играат топло-ладно, па заостануваат зад водечката четворка и поблизу се до бараж-местата одошто од тие за Европа.

Во првата сезонска пресметка ремизираа 1-1 и за очекување е пресметка со голови, зашто двата тима немаат меѓусебен меч, досаден и без голови, веќе 14 години, упте од март 2008 година кога последен пат одиграле непопуларно.

ПРВА ЛИГА, 16. КОЛО

Скопје – Академија Пандев

Победа – Шкупи

Шкендија – Тиквеш

Работнички – Македонија ЃП

ВЧЕРА

Силекс – Струга Трим Лум 1-2 (0-2)

Ристевски 83 – Ибраими 11, Малески 25

Слободна е Брегалница

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 33 (15), Шкупи 25 (13), Шкендија 24 (14), Силекс 23 (15), Тиквеш 22 (14), Брегалница 20 (14), Македонија ЃП 17 (13), Работнички 15 (14), А. Пандев 12 (14), Победа 11 (13), Скопје 6 (13).

* во заграда се бројот на одиграни мечеви