Шампионски старт на македонскиот фудбал на Арена ТВ!

Новата сезона во македонската фудбалска Прва лига стартува утре со воведното коло, кое покрај четирите меча, в недела ќе има уште еден, а првпат во историјата регионална телевизија ќе ги пренесува домашните фудбалски возбудувања и тоа на Арена Спорт и стартува со преноси на двата најдобри клубови во земјава, кои пет години владеат во домашниот фудбал – Вардар и Шкендија.

Арена Спорт и МТВ, која ќе ги дава мечевите за Македонија ги купија ТВ-правата за две години, па почетокот е со „суперкупот“ помеѓу освојувачот на Купот, Академија Пандев и шампионот Шкендија, меч кој ќе се одигра на стадионот „Младост“ во Струмица (17.30 часот).

Покрај овој саботен меч, в недела на регионалната телевизија и на МТВ ќе оди и пресметката од малото скопско дерби на теренот на ФФМ помеѓу најтрофејниот македонски клуб Вардар и Македонија ЃП: Вардар мораше да игра на ФФМ, зашто Националната Арена „Тодор Проески“ е зафатена поради атлетското тимско европско првенство.

Во првото коло во Првата чига уште ќе се играат и мечевите Шкупи – Борец, Струга Трим Љум – Работнички и Ренова – Силекс.

Сите мечеви се играат во терминот од 17.30 часот.