Самсоненко го остави Вардар со долгови, па сега стана спонзор и на - Ростов

Газдата во заминување од најтрофејниот макеоднски клуб Вардар, Сергеј Самсоненко го проширува спонзорирањето во фудбалот низ Европа, па после ЦСКА Москва, Монако и руската федерација за Купот на Русија, неговата обложувачница „Бет Сити“ од денеска е спонзор и на Ростов, фудбалскиот клуб од неговиот роден град.

Самсоненко кој уште на 15 мај се повлече од Вардар со ветување дека до крајот на годинава ќе ги исплати сите долгови направени во неговата ера, од денеска е спонзор со „Бет Сити“ во Ростов, клубот во кој ќе игра макеоднскиот суперталент Давид Тошевски, откако овој клуб за 900.000 евра го купи пред неполн месец од Работнички.

„Бет Сити“ станува главен спонзор на Ростов, па оваа компанија на Самсоненко сега фудбалерите ќе ја носат на дресовите и потпишан е тригодишен договор.

„Драго ми е што 'Бет сити' е еден од нашите партнери и благодарен сум на менаџментот на компанијата за интересот во клубот, убеден сум и се надевам дека ќе имаме заеднички бенефит“, вели Владимир Рубјаков, извршниот директор на Ростов.

Генералниот директор на „Бет Сити“, Александер Чавкин, пак, посочи дека голема чест е да се биде партнер на Ростов.

„'Бет Сити' сега ќе стои на жолто-сините дресови на секој меч и се надеваме дека со оваа соработка уште повеќе ќе го популаризираме фудбалот и ќе го направиме уште поатрактивен за наивачите“, вели Чавкин.

И додека Самсоненко се шири со спонзорствата во европскиот фудбал, Вардар летово доживеа крах па две третини од тимот си заминаа, а во изминатата сезона доминираа и сето тоа поради долгови на рускиот бизнисмен воглавно кон фудбалерите во изминативе две години, за кои се шпекулира дека се до три милиони евра.

„Самсоненко вети дека сите долгови до 31 мај годинава ќе ги исплати до декември и јас сум убеден дека тоа ќе го стори, а потоа клубот оди во рацете на град Скопје и тие ќе решаваат како ќе го менаџираат Вардар, дали ќе го управуваат или ќе го дадат на друг инвеститор“, рече после првиот собир на Вардар, десетина дена пред денешниот старт, Самоил Симев, извршниот директор на клубот.

Сепак, како и неодамна, кога обложувачката компанија на Самсоненко стана партнер на Купот на Русија, останува прашањето зошто Русинот не ги исплаќа долговите, за Вардар прво да добиеше лиценца за настап во Европа и најмалку третина од парите експресно да ги вратеше, а второ да не се дозболеже егзодус на тимот од кој заминаа најголем дел суперталентирани деца за беспари, а од нив клубот ќе имаше сериозен финансиски бенефит. Вардар од талентите го напуштија во огаа година, Никола Серафимов (јануари, сега член на Академија Пандев), инаку младински репрезентативец, Марио Младеновски, сениорски репрезентативец, Али Адем, Џемал Ибиши (Локомотива Загреб), младински репрезентативец до 19 години, Леонид Игњатов и Азар Омерагиќ (Хајдук Сплит), исто така младински репрезентативци до 19 години...