Ростов спектакуларно го претстави Тошевски: Ни дојде херој кој знае да дава голови (ВИДЕО)

Големиот македонски фудбалски талент, Давид Тошевски (18 години) од пред извесно време и официјално е нов играч на руски Ростов, кој за него плати 900.000 евра и го „врза“ со петгодишен договор, а дека од него се очекуваат големи работи потврдува и начинот на кој го претставија на своите навивачи.

Русите прво го донесоа со приватен авион, а потоа изготвија специјално видео, во кое се гледа како со луксузен автомобил го носат на стадионот.

„Специјален авион следа на нашиот аеродром, а меѓу патниците и важна личност за нашиот клуб. Во нашата банда дојде нов суперхерој, кој знае да постигнува голови“, напишаа од Ростов под видеото со презентацијата на Тошевски.

Тошевски во недоиграната сезона имаше пет гола и три асистенции на 21 меч за Работнички, ама посебно беше во фантастична форма на стартот на пролетниот дел, кога беше клучен за серијата победи на „дебармаалци“ и нивната најава за спас. Сепак, пандемијата со коронавирус ја прекина таа серија, а ФФМ со одлуката никој да не испадне, практично ја прекина жестоката битка на „романтичарите“ за опстанокот.