Репрезентативецот Тотре си оди од Шкендија – ќе игра во Полска

Македонскиот репрезентативец Енур Тотре, фудбалерот на тетовска Шкендија заминува од актуелниот прволигашки лидер шест месеци пред истекот на договорот и најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Полска, во Лехија Гдањск или Горњик Забрзе, најавија медиуми на албански јазик.

Тотре беше дел од македонската селекција на последниот ноемвриски собир, кога влета во составот после повредата на Енис Барди пред историскиот меч со Грузија во Тбилиси, па играше на мечевите со Естонија (2-1) и со Ерменија (0-1) во завршницата од втората сезона во Лигата на нации.

Тотре е и поранешен младински репрезентативец на Македонија, а во Шкендија беше еден од најважните играчи и есеноска играше во извонредна форма, а има две титули и еден куп-трофеј како член на тетовските црвено-црни. Поради тоа што на Тотре договорот му истекува на лето, Шкендија за симболична сума би требало да го продаде својот офанзивен фудбалер за врска.

Тетовци моментно се во Анталија на завршни подготовки за пролетниот дел од сезоната.

Шкендија зимава ја напушти Валон Ахмеди (Шахтер Солигорск), а тимот се засили со четворица, Робин Хебај и Камер Ќека, со Бразилецот Игор Вандерсон и голманот Ферат Рамадани.