Ренова бесна на Мантев: Срамно судење во Струга!

Тетовска Ренова, поранешниот македонски шампион повторно е во резултатска криза после денешниот трет пораз во серија на гостувањето во Струга (0-1), за кое „гипсарите“ имаат еден куп забелешки на арбитражата на Петар Мантев, сметајчи дека главниот арбитар директно влијаел за денешниот пораз.

Струга победи со гол на Христијан Драгарски осум минути по полувремето, но Бујар Ислами, кормиларот на тетовци посочи дека Ренова е оштетена за чист пенал, а потоа и за непоништениот гол на Струга поради офсајд.

„Имаше чист пенал за нас, кој не е досуден. Разговарав со многумина и сите ми посочија дека е чист пенал. Во моментот кога нашиот фудбалер се обиде да бие на противничкиот гол има директен старт од зад грб. Плус Струга даде гол од офсајд. Може сите да ја видат таа ситуација. Од сето што се случуваше, можам само да кажам дека судијата Мантев директно влијаеше на исходот од мечот“, рече Ислами.

За недосудениот пенал и реакцијата од клупата, Мантев го исклучи помошникот на Ислами, Бекар Укалин во 70-та минута од средбата. Тетовци се втори што жестоко реагираат на судењето во оваа сезона по 11 кола, откако претходно велешки Борец се жалеше на арбитражата во низа мечеви, на кои судиите направиле низа големи грешки против новиот прволигаш.