Работнички в сабота ќе го пречека Силекс под рефлектори на „Филип Втори“

Дербито на стартот на второто коло во новата сезона во прволигашката конкуренција помеѓу поранешните македонски шампион Работнички и Силекс, кој е закажан за в сабота, ќе се одигра под рефлектори од 20 часот, објавија дебармаалци.

Работнички го загуби првиот меч на стартот на сезоната со 3-4 од Ренова на најголемиот наш стадион, па сега управата и стручниот штаб предводен од Ѓоре Јовановски решиле дуелот со Силекс да се игра во вечерен термин.

„Стручниот штаб и раководството се одлучија да го вратат вечерниот термин како препознатлив знак на одигрување на натпреварите на „романтичарите“, меѓу другото и поради актуелните временски услови во главниот град. Па, по барањето за одигрување на натпреварот во сабота од Фудбалската федерација на Македонија попладнево пристигна и официјалната потврда на новиот термин“, објавија дебармаалци.

Силекс во првото коло ремизираше 1-1 со Шкупи во пресметката на екипите кои сезонава имаат амбиции за излез во Европа.