Работнички со реми тргна на „контролките“ во Анталија, пораз на Силекс

Поранешниот македонски шампион Работнички ремизираше 1-1 со бугарски Пирин од Благоевград во својот прв меч на зимските подготовки во Анталија, откако вчера дебармаалци дојдоа на турскиот југ во финалната фаза од подготовките пред пролетниот дел од оваа сезона.

Работнички до седум минути пред крајот имаше водство на мечот, кое го обезбеди во 45-та минута со гол на Давид Тошевски, а претходно Херера промаши пенал по скоро пола час игра, но „романтичарите“ не издржаа во завршницата и од една контра примија гол, за реми кое е второ во досегашниот дел од подготовките, откако претходно ремизираа 2-2 со Борец, а со 3-1 го победија второлигашот Тиквеш пред да дојдат во Анталија.

Работнички со новиот кормилар Ратко Достаниќ на пролет ќе брка спас откако во есенскиот дел од сезоната, вториот најтрофеен македонски клуб заврши како последен во Првата лига.

Силекс загуби со минимални 0-1 од бугарска Витоша од Бистрица во денешниот пријателски меч на кратовци во Анталија, меч кој беше решен со гол на Даниел Кутев на средина од првото полувреме. За Силекс ова е прв пораз на овие контролки, откако ремизираа 1-1 со полска Висла Краков, а со 6-2 славеа над младинскиот тим на ЦСКА Москва.