Работнички оштетен за два пенали против Академија Пандев

Судиската комисија при Фдубалската федерација на Македонија денеска објави анализа на спорните моменти во рамки на 2.коло во Првата фудбалска лига. 

Најдебелиот крај од лошите судиски одлуки изминатиот викенд се чини го извлече Работнички. Скопскиот тим доживеа дебакл од 0-5 пред своите гледачи од Академија Пандев.

Според Судиската комисија, „романтичарите“ биле оштетени за два пенали во првото полувреме од главниот судија Димитар Пилешков, кој донел неисправни одлуки да не досуди на белата точка. 

„38.минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден удар од 11 метри)

Играч од нападот на Работнички беше во посед на топката во шеснаесетникот на Академија Пандев, при центаршутот топката го удри играчот од одбраната на Академија во рака, која му беше високо подигната и во неприродна положба. Погрешна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, иако беше многу добро поставен.
Во оваа ситуација требаше да се досуди удар од 11 метри за екипата на Работнички“, се вели во анализата на првата спорна ситуација. 

„39.минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден удар од 11 метри)

Играч на Работнички упати топка во шеснаесетникот на Академија Пандев, на неа стартуваа играч од нападот на Работнички и играч од одбраната на Академија, играчот на Работнички прв стигна до топката, сакајки да ја избие топката играчот на Академија го удри во долниот дел од стапалото (закаснет старт) играчот на Работнички кој веќе беше во посед на топката.
Погрешна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи. Во оваа ситуација требаше да се досуди удар од 11 метри за екипата на Работнички за задоцнет старт на нога со интензитет“.

 Овие два пенали можеа целосно да го променат текот на натпреварот, бидејќи до тој момент водството на струмичани беше 0-2, па реално Работнички ќе имаше шанса за поволен резултат. 

Очигледно лошите одлуки на Пилешков сериозно влијае на конечниот исход на натпреварот.