Скопски Работнички му се одмазди на градскито ривал Шкупи за поразот на крајот на минатата сезона по кој дебармаалци во трилер-завршница останаа без Европа, па денеска со минимален триумф со 2-0 ја запишаа првата сезонска победа во Првата лига.

Иван Марковиќ, братот на поранешниот фудбалер на Вардар, Вања Марковиќ денеска беше клучен за победата на дебармаалци со гол и асситенција. „Романтичарите“ до победата дојдоа со гол во 23-та минута на Марковиќ, кој одлично реализираше по корнерот на дебармаалци и ужасната поставеност на дефанзивата на чаирчани, кои буквално го оставија противникот рутински со нога да им даде гол по центаршутот. Во 96-та минута, по контрата на Работнички, Марковиќ мина, асистираше и Давид Тодоровски ја запечати победата и тоа во момент кога Шкупи тргна во тотална офанзива по бод, па направи и неколку шанси, но чаирчани не умееа да ја погодат мрежата на репрезентативецот Дамјан Шишковски.

Работнички со победата се врати на победничкиот колосек, откако со пресврт загуби во минатото коло во Струга со 1-2, додека за Шкупи ова е прв пораз по триумфот дома со Борец со 2-0, па двата скопски прволигаши сега по две кола имаат по три бода.

Второто коло во Првата лига продолжува утре со четирите преостанати мечеви во кои Борец во Велес го дочекува Вардар, Македонија ЃП е домаќин на Академија Пандев во репризата на куп-финалето од мај, Ренова ја пречекува Струга Трим Љум, а шампионот Шкендија му гостува на Силекс во Кратово.

Сите мечеви стартуваат во терминот од 17 часот.