Работнички ја урива „црната традиција“ со Шкендија во Скопје, Шкупи на тежок испит во Кратово

Шест победи на последните осум гостувања и безмалку четири години доминација има тетовска Шкендија во пресметките во Скопје со бившиот шампион Работнички, кој денеска ќе се обиде да ја прекине таа лоша традиција, па да ја врати неизвесноста во трката за шампионската титула, ако првиот конкурент на тетовци Шкупи успее да го мине незгодното Кратово во дуелот со Силекс, во ова 21 вонредно коло во Првата лига во кое скоро сите мечеви носат многу неизвесност и изедначеност.

Актуелниот лидер доаѓа како фаворит и против Работнички, но тетовци не импресионираат со играта, па засега се вадат на индивидуалниот квалитет на низа свои ѕвезди, па Работнички кој добро тргна во сезоната со четири бода од два меча, сега ќе се обиде по осум дуели во Скопје конечно да се израдува против тетовци.

Дебармаалци есеноска ја изненадија Шкендија, малку фалеше и да ја победат, а тогаш Лука Станковски обезбеди бод со голот во вториот дел, откако тетовци поведоа преку Бесарт Ибраими. Сега, пред Работнички е силен предизвик да покажат дека против најдобриот моментно во лигата имаат капацитет и за место во Европа.

На ваков исход уште повеќе би се израдувал и Шкупи, кој заостанува осум бода во битката за круната, под услов чаирчани да го победат Силекс, ама и тие имаат лоша традиција во Кратово и три ипол години не освоиле три бода на незгодниот терен. Четири од последните пет гостувања во Кратово завршиле без победник, ама ако Шкупи сака да остане во трка за круната ќе мора да покаже и многу повеќе, а и да победи, зашто и овие осум бода со само една меѓусебна пресметка со Шкендија до крајот на сезоната изгледаат предалечни за да се исполни високо зацртаната цел.

Актуелниот првак Вардар после несреќниот пораз од Шкендија со 1-2, повторно доаѓаат под Шара, сега на мегдан на Ренова, која по два порази во низа, сега бара „трета шанса“ за бодови, но црвено-црните покажаа дека без оглед на доцниот старт на подготовките и недоволната физичка подготвеност, може да бидат жилав тим и да се надеваат на добар резултат.

Ренова за Вардар многупати се покажала дека е еден од најнезгодните ривали, на два од последните три меча дома, лесно победила, но сега притисокот што им се наметна по двата стартни порази и третото место одоздола на само бод од опасната зона за испаѓање може да биде адут и за Вардар, да го искористи моментот и од Тетово да се врати непоразен или со голем триумф.

Академија Пандев ја пречекува Македонија ЃП во битка за прв триумф и евентуално напуштање на опасната зона, а прв триумф ќе бара и велешки Борец против последната Беласица, која покажа сосема поинаков лик од есеноска, па со сите сили ќе се бори за бодови во својата битка да се спаси до крајот на сезоната.

Струга Трим Лум го пречекува Пелистер, а стружани се фаворити и чекаат нов кикс на „лавовите“ за бодовно да ги стигнат. Струга е нешко освоив терен и битолчани ќе мора да одиграат дури и подобро од тоа што го одиграа во неделата за да ја победат Ренова, ако сакаат да се надеваат на бод(ови) од оваа пресметка.

ПРВА ЛИГА, 21 КОЛО (14 ЧАСОТ)

АРЕНА: Работнички – Шкендија

КРАТОВО: Силекс – Шкупи

СЦ „Пандев“: А. Пандев – Македонија ЃП

ВЕЛЕС: Борец – Беласица

СТРУГА: Струга Трим Лум – Пелистер

ТЕТОВО: Ренова – Вардар

ТАБЕЛА: Шкендија 45 бода, Шкупи 37, Македонија ЃП 35, Струга ТЛ 32, Работнички 28, Вардар 26, Борец 26, Силекс 23, Пелистер 22, Ренова 19, А. Пандев 18, Беласица 12.