Работнички и Македонија ЃП тргнаа кон Европа, Беласица испадна, Силекс во бараж

Струмичка Беласица испадна во Втората лига, а Силекс веќе извесно е дека ќе игра бараж, откако двата тима денеска загубија во дербијата за опстанок кај Македонија ЃП (0-2) односно од Работнички (0-1) во претпоследното 35-то коло во Првата лига.

Дебармаалци и „лавовите“ со победи си го обезбедија сигурниот опстанок, но и останаа во игра за Европа по денешните триумфи, особено што пресметката на Чаир помеѓу Шкупи и Ренова заврши по мерка за двата скопски тимови (2-2). По денешната разврска на дното Силекс како домаќин ќе ја пречека Беласица со три бода предност, но струмичани немат шанса со триумф да ги испратат кратовци во втората лига зашто кратовци имаат подобар меѓусебен со две победи и реми досега. 

Работнички до победата во Струмица дојде денеска со голот на младиот Кристијан Ацковски во 38-та минута, а Беласица имаше неколку шанси со кои можеше барем да остане непоразена, но истите не ги реализира. Во Ѓорче Петров, Дејан Тантуровски и Христијан Кировски погодија двапати до полувремето за сигурна победа на „лавовите“ со која тие обезбедија ситурен опстанок и Силекс не може да ги стигне поради послабиот меѓусебен дуел (победа и три ремија).

Со триумфите на Работнички и Македонија ЃП, а ремито на Шкупи и Ренова на Чаир сега дебармаалци го прескокнаа Шкупи со 46 бода, еден пред чаирчани, а „лавовите“ имаат 44 бода. Македонија ЃП во следното коло игра со Победа и со сигурен триумф може да престигне Шкупи, кој му гостува на Работнички. Самиот факт дека лиценцата на Вардар виси, можно е четвртото и петтото место да водат во Европа, па со тоа Работнички и Македонија ЃП со триумфи во последното коло да ги заверат визите за излез на меѓународна сцена. В среда Македонија ЃП ја очекува финалето во Купот со Академија Пандев.

Вардар ја здроби Победа со 6-0 во небитен меч за црвено-црните да се простат со тирумф на последниот меч на домашен терен. Шкендија со 3-1 славеше против Академија Пандев на мечот кој исто така беше безначаен, а тетовци го добија шампионскиот пехар за одбраната на круната.

ПРВА ЛИГА, 35. КОЛО

Македонија ЃП – Силекс 2-0 (2-0)

Тантуровски 30, Кировски 45

Беласица – Работнички 0-1 (0-1)

Ацковски 38

Шкупи – Ренова 2-2 (1-0)

Сержињо 9, Устабаши 60 – Рамадани 52, 59

Шкендија – А.Пандев 4-1 (1-0)

Зејнулаи 26, 84, Тотре 51, Жуниор 67 – Иванов 52

Вардар – Победа 6-0 (4-0)

Попзлатанов 18, 37, 46, Мицевски 32, Колевски 43, Фелипе 48

ТАБЕЛА: Шкендија 79, Вардар 63, А. Пандев 57, Работнички 46, Шкупи 45, Македонија ЃП 44, Ренова 44, Силекс 41, Беласица 38, Победа 23