Пукна бомбата во Тетово: Агим Ибраими три години во Шкендија

Тоа што синоќа беше најавено дека поранешниот макеоднски репрезентативец Агим Ибраими ќе ја засили тетовска Шкендија, денеска под Шара одекна бомбата, откако левоногото крило и официјално го потпиша договорот со тетовци.

По 12 години, Ибраими се враќа во матичниот клуб и денеска потпиша тригодишен договор со црвено-црните, со важност до јануаро 2022 година. Ибраими е дете на Шкендија, кој на 17 години замина во Салцбург, а потоа играше за Марибор, Калјари, Домжале, турски Есхишехирспор, казахстанска Астана... Неговото доаѓање во Тетово е огромно засилување за Шкендија и за шампионските амбиции на клубот, особено по повредата на досегашниот најдобар фудбалер Бесарт Ибраими.

Доаѓањето на Агим во Шкендија беше најавено уште пред речиси два месеци, па сега со него, Шкендија ќе се обиде на лето да го направи историскиот исчекор кон групна фаза барем во Лига Европа, по три елиминации во плејофот по ред.

Ибраими има големо искуство зашто со Марибор играше трипати во групите во Лига Европа, а еднаш во Лигата на шампионите, а има настап во групна фаза во Лига Европа и со казахстанска Астана. Ибраими во Шкендија ја доби десетката.