Прволигашки очај: На четири меча за цело полувреме падна едвај – еден гол

Фудбалскиот неквалитет во Првата фудбалска лига во Македонија веќе се покажува уште на стартот на сезоната, па денеска веќе во второто коло од новата сезона, осум прволигаши потрошија 45 минути за да ја измачат топката и на четирите меча падна едвај еден гол.

Од четирите дуели во кои највозбудливо е во Велес, каде пред полни трибини по 19 години Борец повторно игра елитен фудбал и тоа против најтрофејниот клуб Вардар, единствено гол падна во тетово на мечот Ренова – Струга Трим Љум. После половина час игра Бојан Миовски погоди за водство на „гипсарите“.

Останатите мечеви се со почетниот резултат и тоа Македонија ЃП – Академија Пандев, Борец – Вардар и Силекс – Шкендија. Вчера Работнички славеше против Шкупи со 2-0, па ако продолжат вака како што почнале прволигашите во ова коло просекот може да не биде ни еден гол по меч.

Најдобрите два клуба во последните пет години Вардар и Шкендија и по 140 минути сѐ уште немаат дадено гол, а посебно ова важи за тетовци кои откако им почна сезоната во Европа не погодиле од игра скоро 500 минути, а имаат тим преполн со „ѕвезди“.