Претседателот на европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александар Чеферин в четврток ќе дојде во Скопје и заедно со првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заеднички ќе го отворат сместувачкиот капацитет од елитната академија на УЕФА и ФФМ, кој се наоѓа во зградата на куќата на фудбалот.

Новиот сместувачки капацитет е дел од тренинг-центарот „Петар Милошевски“, а официјално ќе биде пуштен во употреба в четврток (15 февруари). Објектот кој е дел од комплексот куќа на фудбалот е уреден со 30 двокреветни соби, апартмани за селекторите и стручните тимови, како и заеднички простории – сала за состаноци, училници, заедничка кујна и трпезарија. Овој објект е наменет за учениците на ФФМ/УЕФА Елитната академија, како интернат за учениците од фудбалската академија во текот на училишната година, но по потреба ќе се користи и за младинските национални тимови.

Ова е прв објект од ваков вид во Македонија

„Со отворањето се потврдува дека ФФМ работи согласно нејзината визија: Фудбалот на прво место, создаваме можности. Една од главните заложби на Фудбалската федерација на Македонија е да ја препознае и да го направи многу подобар 'фудбалскиот живот' на младите. Со посветеност и системска работа Фудбалската академија веќе ги вреднува резултатите од својата студиска програма, но задача е постојано да се развиваат и унапредуваат содржините на програмата за работа на академијата и младинскиот фудбал. Нашата визија е да ја претставиме Академијата како водечка институција од тој вид во Македонија, основана по примерот на многу европски школи, со единствена желба своите ученици да ги подготви за времето кое доаѓа, како школа за иднина“, објави ФФМ.