„Пребегна“ од Македонија во Албанија, а ФФМ го кандидира за - најдобар футсалец!?

Пред нешто повеќе од два месеци четворица футсалци од Македонија „пребегнаа“ да играат за репрезентацијата на Албанија, меѓу нив беше и Илбер Алили, член на КМФ Шкупи, што воопшто не беше проблем за ФФМ, која го кандидираше овој играч за најдобар македонски футсалец во 2018 година.

Алили беше еден од четворицата играчи кои пребегнаа кај западниот сосед иако до март годинава беше дел од македонската футсал-репрезентација и последен пат настапи за Македонија на турнир во соседно Косово. Тој настапува и во голем фудбал, за второлигашот Гоблен, а истовремено има и добра футсал кариера и е еден од најдобрите играчи на чаирскиот клуб.

Сепак, останува нејасно по кој критериум ФФМ решила да го кандидира Алили за наградата за најдобар футсалец, кога и Куќата на фудбалот била информирана дека тој повеќе нема да игра за Македонија и дека во иднина е настапува за Албанија. ФФМ идниот петок ќе ги додели наградите за најдобрите во 2018 година, а покрај Алили, номинирани се и Дарко Ранготов од КМФ Велес и Горан Арсовски од КМФ Кратово.

ФФМ своите награди за најдобрите во годината исклучиво ги доделува на фудбалери од Македонија, кои се репрезентативци или потенцијални репрезентативци и никогаш досега не се случило во историјата во конкуренција за награда да се најде играч кој пребегнал или настапува за друга држава.

Ова е само последен од „малиот милион“ гафови на фудбалската организација во земјава, без сериозни критериуми за тоа кој треба да се најде во најтесниот избор за некоја награда. Како доказ е и вметнувањето на Љупчо Дориев од Академија Пандев во изборот за најдобар фудбалер заедно со Бесарт Ибраими и Висар Муслиу, иако пред Дориев има еден куп други играчи кои многу повеќе заслужија да се најдат во оваа конкуренција.

На крајот на септември годинава покрај Алили, од македонската во албанската футсал селекција пребегаа и Исмет Цека, Ељеса Незири (двајцата од Шкупи), како и Шефки Бериша, кој настапува за Јувентус Серава. Оваа четворка предводена од Алили во февруари идната година ќе игра против Македонија, откако на денешната ждрепка за СП, црвено-жолтите го добија западниот сосед за противник во групата во претквалиикациите.