Пораз за Академија Пандев, втор меч без даден гол за Шкупи

Два македонски европретставници од летната авантура во Европа, Академија Пандев и Шкупи не дадоа ни еден гол во денешните „контролни“ мечеви на зимските подготовки, па струмичани на својот прв тест запишаа пораз од Беласица Петрич со 0-2, а Шкупи ремизираше со косовска Дрита од Гњилане без голови.

Струмичани во Петрич на стадионот „Цар Самуил“ загубија со по еден гол во својата мрежа во двете полувремиња. Жустино Мендеш во шестата и новото засилување Мохамед Кисе, роден во Гвинеја со португалски пасош еден час подоцна ѝ донесоа триумф на Беласица и стартен пораз на актуелниот бранител на ку-птрофејот во Македонија, кој е со амбиција да го одбрани пехарот и повторно да излезе на европска сцена.

Шкупи и втор меч по ред на подготовките одигра без голови, па после ремито со Фљамуртари, сега тимот на Ќатип Османи ремизираше и со Дрита Гњилане.

Од другите македонски клубови кои веќе се во полн ек со подготовките, вчера Ренова со 2-0 славеше против второлигашот Гостивар, Струга Трим Лум го растури Кораби од Пешкопеја со 4-0, а Работнички и Борец ремизираа 2-2.

Актуелниот лидер Вардар утре ќе тргне со контролките против хрватскиот гигант Хајдук, додека Шкендија дури од 23 јануари ќе се пресели во Анталија каде ќе има четири тестови за новата пролетна полусезона и тоа со словачки Серед, два чешки ривали во Карвина и Слован Либерец, како и со дански Рандерс.