Шкендија втора година по ред работи со загуба: Тетовци лани во минус од - 125.000 евра!

Поранешниот македнски шампион Шкендија пријави нова загуба во финансиското работење, втора година по ред, откако за ланската 2019 година направила минус од 7,6 милиони денари (125.000 евра), покажа финансискиот извештај на тетовци.

Шкендија која сезонава заврши неочекувано дури како третопласирана во Првата лига, иако беше прв фаворит за трофејот, во изминатата 2019 година потрошила речиси три милиони евра (178,3 милиони денари), а имала приходи од 171,7 милиони денари. Загубата од 125 илјади евра сепак е далеку помала од годината претходно (2018), кога тетовските црвено-црни пријавија сериозен минус од 357.000 евра (21,9 милиони денари). Ако се собере за последните две години, Шкендија има загуба од половина милион евра, што за македонски услови е сериозно голем минус.

Тетовци ако се споредат последните две финансиски години, 2018 и 2019 година, имаат сериозно зголемување и на приходите, а и на расходите, па така во приходната ставка тоа зголемување на 171 милион денари е за 25 милиони (400.000 евра) повеќе во однос на 2018 и најмногу поради зголемувањето на приходите од спонзорства и реклами за скоро петпати. Во 2018 година во оваа ставка имале приходи од само 22 милиони денари, а лани дури 102 милиони денари од главниот спонзор Еколог.

Сето ова се должи на ужасната европска сезона и срамот со експресната елиминација од Европа, прво од Номе Калју во ЛШ, па од Дуделанж во Лига Европа, што за двојно им ги скрати приходите од Европа, па во 2019 заработија само 57 милиони денари (скоро еден милион евра), за разлика од годината претходно кога имаа заработка од 101 милион денари (1,5 милиони евра). Но, бидејќи нема да играат во квалификации за ЛШ, а со тоа немаат сигурни 800.000 евра од Нион, летово Шкендија ќе мора добро да се испоти за да стигне до сериозна зааботка за да може да покрие дел од буџетот на тимот.

Од друга страна, дури две третини од расходната страна на Шкендија се должи на плати и надоместоци за вработени (плати, придонеси, хонорари, отпремнини, премии), за кои цели 150 милиони денари (2,4 милиони евра) лани биле потрошени, за 43 милиони повеќе од годината претходно. Ова најмногу се должи на скапите засилувања и големите плати кои ги имаа ѕвездите, меѓу кои и Агим Ибраими и Хуан Фелипе, кои повеќе не се дел од клубот. За цели 20 милиони денари (350.000 евра) трошоците на Шкендија се зголемиле за ланската година, во однос на претходната (158 милиони денари).

Тетовскиот клуб за новата сезона драстично го намали буџетот, но задржа дел од најважните играчи како Бесарт Ибраими и Арменд Алими, но затоа клубот го напуштија скапите Фелипе, Агим Ибраими, репрезентативецот Марјан Радески, потоа бившиот младински репрезентативец Константин Чешмеџиев, па Далку, Фазли...