Популарниот Гама назначен за нов тренер на Работнички

Горан Станковски е назначен за нов шеф на стручниот штаб на прволигашот Работнички, откако Виктор Треневски поднесе оставка по серијата лоши резултати.

Станковски досега работеше во младинските категории на клубот, а своето прво појавување пред фудбалерите ќе го има на утрешниот тренинг од 11 часот.

„Одлуката на раководството е нов тренер на Работнички да биде прославеното наше фудбалско име Горан Станковски. Се одлучивме за поранешен фудбалер на Работнички, репрезентативец на Македонија со исклучителна кариера. Станковски покрај одличната кариера како фудбалер, веќе има потврда на својот професионален капацитет и како тренер. Како тренер водејќи ги младинските категории на клубот стигна и до титула во првенството и Купот во својата категорија. Токму поради тоа  се одлучивме да му дадеме доверба со надеж за подобри резултати сезонава“, изјави претседателот на клубот за сајтот на Работнички, Драган Поповски.

Стручниот штаб на Работнички останува комплетно ист. На Станковски и во иднина ќе му помагаат Милан Илиевски и Славчо Георгиевски како први асистенти, и тренерот на голманите Драги Атанасовски.

40-годишниот Горан Станковски, покрај за Работнички, во својата кариера има настапи и за Слога Југомагнат и Македонија ЃП на домашната сцена, но и германската Тенис Борусија, холандски Антверпен, турскиот прволигаш Дијарбакир, како и молдавска Дачија.